Младоженци кои живеат во странство развиле симптоми на Ковид 19 пет дена по веселбата која ја правеле во Охрид. Тие се хоспитализирани во општата болница во Охрид, заедно со уште тројца други пациенти. Според одговорните, освен младоженците, засега никој друг од присутните на веселбата не побарал лекарска помош.
Лекарите предупредуваат на внимателност, бидејќи собирањето и групирањето на голем број луѓе на едно место, може да го распламти коронавирусот, дотолку повеќе што сите индикатори упатуваат дека се наоѓаме на почеток на нов, четврти бран на Ковид 19.
Случајот ја разбранува јавноста, а информацијата дека младоженци од свадба во Охрид завршиле во болница, молскавично беше пренесена од медиумите. Дел од нив повикувајќи се на официјален извор, медицинско лице, по грешка пренесоа дека веселбата наводно се случила во хотелот „Тино“ во Охрид. По реакција на хотелот оваа вест беше повлечена во медиумите што ја објавија, меѓу кои и портали од Охрид, а дел од нив упатија и јавно извинување до хотелот „Тино“. Веста за случајот што ја вознемири јавноста подоцна беше корегирана и реобјавена.
Од хотелот „Тино“ не обвинуваат никого. Велат дека имаат разбирање за потребата јавноста да биде информирана, но ги повикуваат медиумите на внимателност и одговорност при пренесување на сензитивни информации кои, како што посочуваат, треба да бидат сериозно проверени пред да бидат објавени, затоа што можат да предизвикаат не само вознемиреност, туку и големи штети и да имаат далекусежни последици.
OhridNews