Екипата на Младост од Царев Двор од следната сезона ќе биде дел од македонската фудбалска елита. „Зелено-белите“ со победата со 2-0 во дербито со директниот конкурент Гостивар, и математички го обезбедија второто место во Втората лига, кое, исто како и првото, води во Првата лига.


До крајот на сезоната во Втората лига има уште две кола, а Младост има шест бода повеќе од Гостивар и подобар меѓусебен скор сезонава (победа со 2-0 и пораз со 0-1).


Со тоа Преспанци направија редок подвиг, оти како новаци во Втората лига за само една сезона се пласираа во Првата лига. Минатата сезона фудбалерите на Младост во бараж-двомечот за влез во Втората лига ја совладаа Победа од Прилеп.

– Целта на фудбалерите и на клубот пред почетокот на сезоната е исполнета. Никогаш не ги криевме нашите амбиции за влез во Првата лига и токму тие нѐ водеа во сите натпревари. Тешки, но и одлучувачки натпревари беа овие во пролетниот дел од сезоната, кога наидовме на тврди противници. Сепак, успеавме и сите сме горди поради нашиот успех –изјави напаѓачот Игор Клечкароски.    


Тимот од Царев Двор е составен од искусни фудбалери и експресно за две сезони од Третата лига, преку баражот за влез во Втората, „слета“ во Првата лига.

– Сѐ почна од Третата лига, каде што игравме неизвесни мечеви на терените во Струга, Битола и во Ресен, а во нас беше само една мисла – пласман во Втората лига. Откако успеавме во тоа, екипата пред почетокот на сезоната се засили со искусни, „прволигашки“ фудбалери, кои во продолжение ни беа од голема помош за остварување на целта по влезот во Втората лига – вели Клечкароски, најдобриот стрелец во екипата, со 13 погодоци.


Дел од натпреварите Младост во Втората лига ги одигра во Охрид и Битола, а сезоната ја финишира во Ресен.

Михаил Постоловски