Младинското вработување, средношколската и студентската пракса, проблемите во однос на студирањето, реформите во образованието, системските промени и слично беа само дел од темите на младинската дискусија организирана од Младинскиот совет од Охрид. На неа беа поканети невработени млади, студенти, преставници од Центарот за вработување, од невладини локални организации, наставнички од основни и средни училишта и други вработени во образовниот сектор, како и членови на Младинскиот совет од Охрид.

„Оваа дискусија е дел од проектот „ Креирање ефективни можности за вработување на младите“ во која е вклучен и Младинскиот совет од Охрид како регионална канцеларија на коалицијата на младински организации СЕГА.Нашата крајна цел е изработка на документ во кој ќе ги систематизираме заклучоците од сите одржани локални младински дискуии со цел да се подобри сликата со младинското вработување во земјава и да се промени логиката која некако се наметна меѓу младите дека по дипломирање, за да бидат успешни треба да заминат во странство..“ – појасни претседателот на Младинскиот совет, Димче Каневче.

Во дискусијата стана збор за потребата од дефинирање на и спроведува посебни мерки за вработување на различните категории на млади зо земјата. Притоа беше истакнато дека крајниот рок за вработување на младите по дипломирањето треба да изнесува максиум шест месеци, затоа што со пролонгирање на транзицијата од дипломирање до вработување се губи ентузијазмот, амбициите, еланот кај студентите и младите при барањето работа или некаков хонорарен ангажман.

Ова прашање наметна и дискусија околу квалитетот на праксата која во реалноста претставува проблем, иако веќе и законски средношкоците, како и студентите мора да посетуваат пракса како услов за запишување на следната година или семестар.

Ние на Универзитетот „Свети апостол Павле“, со оглед на тоа што нема капацитет во градов, односно доволно компании за да не примат толку многу студенти, праксата ја обавуваме во соработка со професорите така што имаме обврска да изработиме проектна задача.“ – рече студентка од овој Универзитет.

Весна Спасеска, психолог во средното угостителско училиште „ Ванчо Питошескки“ смета дека е крајно време да почне да се валоризираат дипломите на келнерите и готвачите од ова стручно училиште за да се заштити самата професија.

На средбата се дискутираше и за мерките за поддршка на претприемништвото и самовработувањето. Преставничката од Центарот за вработување говореше околу актуелните активни мерки за работување во моментов како кредитирањето со повратни средства до 7 000 евра и неповратни до 3000 евра во опрема, обуката за субвенционирано вработување кај познат работодавач, како и практиканство кај познат работодавач, а за директни вработување на млади лица до 29 години, работодавачите се ослободени од плаќање придонеси во текот на 3 години.

Младите сметаат дека овие мерки се добри на кратки стази, но долгорочно тие не го решаваат, туку само го ублажуваат проблемот.

„Според мене, ова е само површен пристап за намалување на невработеноста на младите. Малкумина млади се одлучуваат да ризикуваат за да отворат сопствен бизнис, било со повратни или неповратни средства поради тоа што не секој може да успее на пазарот, исто и поради ограничувањата на овие мерки, опстојување на пазарот миниум една година по земање на кредитот или враќање на средствата ако се затвори пред тој даден рок, односно ако е неуспешен бизнисот. Исто така и покрај големиот број практиканти, мал е интересот кај фирмите за практиканство..“– рече Весна Цветаноска, член на Младинскиот совет.

По однос на третата точка, како да се реплицираат ЕУ младинските гарантни шеми во Македонија, заклучокот беше дека младите не се доволно информирани за младинските образовни програми за мобилност овозможени со Ерасмус плус и други програми кои ги спроведува Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Борислав Кебакоски, студент на Факултетот за туризам и угостителство истакна дека вината понекогаш може да се лоцира и кај младите затоа што често не се интересираат доволно, не посетуваат обуки, семинари, едукативни работилници што дополнително го отежнува нивното вработување.

Главните заклучоци од целокупната дискусија беа дека апсолутно треба да се работи пред се на системски промени во образованието и долгорочни стртатегии во поглед на вработувањето, да се посвети внимание на квалитетот на кадрите, а не само на квантитетот и секако да има подобра соработка помеѓу студентите, младите активни баратели на работа и работодавачите за да се одговори подобро на потребите на пазарот на труд.

Ова беше деветтата од вкупно десет предвидени локални дискусии посветени на можностите за младинско вработување, а на крај ќе следи конференција со вклучување на засегнатите страни која треба да резултира со Документ со политики ( Поситион папер) за препораките што можат да придонесат за подобрување на политиките за вработување на младите.

Ивана Чичоска