Четириесет млади луѓе од различни европски земји учествуваа на проектот „ Медиумска писменост: Дигитално обучени за анти- дискриминациски кампањи“, финансиран од Европската комисија ( Еразмус + програмата), а реализиран од Волонтерскиот центар- Скопје. Овој проект започна пред една недела во центарот Солферино во Струга, а сертификатите за учество ќе бидат доделени денес кога воедно завршува официјалниот дел од програмата. Учесниците се од 12 европски земји и тоа : Финска, Германија, Шпанија , Хрватска, Литванија, Полска, Романија, Чешка, Кипар, Турција, Грција и земјата домаќин—Македонија.
– Ние го издаваме списанието Voices секој месец онлајн и на секои три месеци во печатена верзија. Во принцип работиме генерално со млади, ги препознаваме нивните потреби, идеи, начинот на размислување и решивме овој проект да го посветиме токму на медиумите кои се доста актуелна тема, особено социјалните мрежи кои се тренд за помладата популација. “- вели Ѓоко Вукановски, од Волонтерскиот центар- Скопје,кординатор на европски проекти и Европски волонтерски сервис и одговорен за овој проект.
Никола Станкоски, претседател на Волонтерскиот центар и дел од организаторскиот тим на проектот го посочи проблемот со дискриминацијата и говорот на омраза како сериозна закана и злоупотреба на слободата на изразување, не само во Македонија, но во цела Европа, особено во поглед на известувањето за кризата со имигрантите.
– Во поглед на социјалните мрежи особено не загрижува говорот на омраза и сметаме дека овие млади кои се дел од проектот после сите заеднички дискусии и обука ќе може да ги препознаат таквите пораки и дека ќе знаат како да постапуваат во иднина во справувањето со овој негативен феномен, посочи Станковски.
Дел од учесниците се особено изненадени од говорот на омраза со кој се известува за мигрантската криза која е во фокусот на внимание на целата европска јавност .
– Најголем дел од медиумите постојано не бомбардираат со информации кои создаваат лажна слика за реалноста. Во Хрватска за имигрантите се известува со голема доза на говор на омраза и дискриминаторски пристап. Не разбирам што имаат толку против имигрантите. Во Сирија има војна и нормално дека тие луѓе бегаат за да се спасат и се борат да опстанат. Со таквото известување, медиумите создаваат апатија или едноставно одбивност за да го слушаме, гледаме и читаме она што ни го сервираат. Знам дека медиумите по дефиниција треба да бидат столбот на демократијата, но мислам дека генерално во сите земји новинарите премногу се оддалечуваат од професионалните и етички стандарди на известување, вели учесник од Хрватска.
Целите на овој проект концентриран на медиумската писменост меѓудругото се и зајакнување на вештините за медиумска писменост, за сите учесници, секој во својата земја да може да придонесе за промени во пристапот на перцепција на реалноста, односно за искоренување или минимизирање на дискриминацијата и говорот на омраза; да се разбере начинот на креирање вести и испраќањепораки преку медиумите, особено преку социјалните мрежи како приоритетен канал за комуникација меѓу младите; да се стекне поголемо знаење за изворите на говорот на омраза и дискриминацијата и да се усвојат нови практики за поефективно справување со нив преку застапувачки кампањи со користење на медиумите. Преку неформални методи да се развијат лидерски, комуникациски вештини, тимска работа и креативност ; да се развие поголема интеркултурна свесност и комуникација.
OhridNews