Под мотото „Во езеро пливај, а отпадок рециклирај“ денес на градскиот кеј членови на Младински Центар Охрид во соработка со Младински образовен форум (МОФ) Скопје организираа акција за подигање на свеста кај заедницата, особено кај младите за заштита на Охридското Езеро и животната средина.

Сара Петкоска, член на клубот Младински активизам од Охрид, истакна дека станува збор за локална завршна акција на овогодинешниот Клуб на активизам, во рамки на која ја презентираат и скулптурата изработена од работи кои многу често се фрлаат во Охридско Езеро и кои наместо да бидат таму многу лесно би можеле да се рециклираат и да претставуваат нешто многу подобро.

Во оваа насока ние ја направивме скулптурата која ја изложивме овде денес, а можат да се направат и многу други работи со кои можеме и да си ја разубавиме нашата животна средина или нашето секојдневие, а покрај тоа и да си го зачуваме нашето езеро. Имаме поставено и штанд со QR код кој може да се скенира и да се праќаат идеи како може да се заштити езерото, што би можело да се прави со отпадот и слично, нудиме некои информации за истата заштита и всушност имаме интерактивен дел каде може да се споделат најразлични идеи. Целта е идеите да се пренесат до надлежните иинституции, но и ние да ги знаеме како активисти, бидејќи доколку знаеме што луѓето сакаат околу нас можеме многу полесно да се запознаеме како можеме да ја решиме самата проблематика и како да си го направиме нашето езеро подобро за сите нас, вели Петкоска.

Мора да се работи повеќе на подигнување на свеста, посебно и кај помладата популација, вели Марио Ѓорески, исто така, член на клубот Младински активизам при Младинскиот Центар Охрид.

Целта на нашата акција е да се подигне свеста, бидејќи знаеме дека ние го имаме Охридско Езеро како бисер кој не треба да го изгубиме. Ако продолжиме да го загадуваме ќе биде лошо за нас. Затоа ја имаме направено скулптурата со пораката „Во езеро пливај, а отпадок рециклирај“. Како членови сите сме тука за да ја поттикнеме свеста кај граѓаните, охриѓаните и сите што го користат езерото. Свеста кај младите е на многу ниско ниво и треба да се работи во оваа насока. Како граѓани не сме свесни колку всушност го загадуваме самото езеро, потенцира Ѓорески

Нина Мирчевска, дел од тимот на Младински образовен форум (МОФ) и проектот на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, кои се имплементатори односно поддржувачи на младите во овие активистички акции, ги инспираат и иницираат да бидат активни во општеството, вели голем дел од проектите се токму посветени на заштитата на животната средина.

Во рамки на оваа активност на УСАИД, МОФ спроведува 10 клубови во 10 различни општини во државата и речиси половина од сите клубови прават завршна акција баш на тема заштита на животна средина, екологија, подигнување на свеста за рециклирање. Свеста кај младите кои се активни на ова поле е навистина на високо ниво. Покрај акцијата во Охрид за заштита на Охридско Езеро, цртавме мурал во Делчево за поттикнување на јавната свест за заштита на животната средина, во Скопје имавме интерактивна акција… Активните млади лица наоѓаат идеи и начини како да стигнат до останатите млади во нивната заедница, па и повозрасните за заедно да ја заштитиме истата, додава Мирчевска.

Во Охрид ова е прва акција од ваков тип на Клубот, но со оглед на заинтересираност ваквите акции се планира да продолжат и во иднина.

„Во езеро пливај, а отпадок рециклирај“

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски