Во организација на Општина Охрид, Црвен Крст, Одделението за превенција при СВР Охрид и основните училишта, денеска на градскиот плоштад  „ Св. Климент Охридски“ , по повод Меѓународниот ден на здравјето и во рамки на проектот „Превенција од зависности“  се одржа манифестацијата „ Живеј здраво,живеј безбедно“ .Со овој настан Охрид се  вклучи во глобалните кампањи за подигнување на јавната свест за заштита на здравјето и превенција од зависности.

– Ја користам оваа манифестација, да Ве повикам да упатиме и заедничка порака дека мораме да ги искористиме сите сопствени и општествени ресурси и постојано да ги предупредуваме младите од опасностите од користењето на дроги,алкохол и цигари и да ги мотивираме да водат здрав живот- рече во обраќањето пред учесниците на манифестацијата, заменик градоначалникот Ангел Јанев.

Од СВР Охрид потенцираат дека во континуитет се реализираат низа активности за превенција од пороци со цел здрава и успешна младина.

– Заедно со институциите градиме еден фронт со кој ќе се спротиставиме кон сите пороци кои стојат пред младите луѓе и на еден начин се обидуваме да го изградиме фронтот на негативизам кон пороците и сите појави кои се деструктивни  и негативно влијаат врз развојот на младата популација .Ова е еден континуитет и наш придонес да го вградиме кодот кај младите за отпор кон сите пороци, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

На манифестацијата посветена на  борбата против дрогата, алкохолот и цигарите, здравјето како избор за долг и безбеден живот, со посебни програми настапија учениците од основните училишта и младите волонтери од Црвен Крст, а присутните можеа да ги посетат и штандовите од  Црвен Крст и НВО „ Опција“.

OhridNews