Составот на Охрид претрпе пораз во подготвителниот период, откако во СРЦ „Билјанини Извори“ изгуби од вториот тим на Еурофарм Пелистер со 25-30 (12-19). За „гладијаторите“ ова е трет пораз во седмата тест средба, а доаѓа после двете победи над Тивквеш и Аеродром.

Екипата на Охрид одигра далеку под своите можности и квалитетите, а „фармацевтите“ ги искористија своите шанси и заслужено се радуваа на победата.

Охриѓани само на почетокот имаа водство (1-0), додека понатаму резултатот го контролираше гостинскиот состав. Прва опиплива предност битолчани имаа во 20-минута кога на семафорот стоеше (10-13). До крајот на првиот дел, ибраниците на Александар Јовиќ продолжија во исто темпо и обезбедија седум голови предност.

Стартот од вториот дел не донесе резултатски промени. „Фармацевтите“ го зачуваа водството и го издржаа првиот налет на Охрид. Сепак, „гладијаторите“ смогнаа сили и во вториот обид успеаја да стигнат до минус четири (24-20). Гостите ја пребродија кризата, со мини серија дојдоа до плус шест и го спроведа натпреварот во мирна завршница.

Најпрецизни во Еурофарм Пелистер 2 беа Јован Талески и Дарио Петровски со по седум постигнати голови, а кај охриѓани најефикасен беше Бобан Блажески со 11 голови.

OhridNews