Веќе неколку години, охридскиот актер и режисер Ташко Лаброски, успешно го води детското драмско студио „Мулти-култи“, кое месец дена функционира во просториите на НУ Центар за култура „Григор Прличев“.
Младите охриѓанчина, секоја среда и петок во просториите на оваа установа ја нагласуваат љубовта кон глумата, односно уживаат во заедничкото дружење преку спознавање на тајните во актерството и учењето на сценски движења и говор.
„Мулти-култи детското драмско студио, во соработка со НУ Центар за култура „Григор Прличев“, започна со работа на почетокот од месец октомври, бидејќи сметавме дека еден ваков проект навистина му е потребен на градот. Сакам да напоменам дека пред неколку години, ова студио работеше во континуитет, но со периодични прекини. Моментално броиме пет членови, а пробите се оддржуваат секоја среда и петок, од 19 часот во просториите на оваа установа.“ – вели Лаброски.
Како што објаснува нашиот сограѓанин, младите ученици до зимскиот распуст ќе ги совладуваат сценските техники на движење и говор, а потоа ќе следат подготовки за театарска претстава.
„За сега, се уште не знаеме точно која претстава ќе ја спремаме, но тоа највеќе зависи од бројот на деца кои ќе се пријават и ќе ги научат основните театарски движења. Во минатото, со талентираните ученици изведовме неколку претстави како „Петар пан“ и „Итрините на Итар Пејо“, кои поминаа одлично и наидоа на добар прием кај публиката.“ – објаснува Лаброски.
Охридскиот режисер вели дека учениците кои го посетуваа Детското драмско студио, поседуваат голем талент, а нивната креативност ја потврдува тезата дека младите се иднината на секоја земја.
„Децата во основа се многу талентирани. Го сакаат ова хоби, сакаат да доаѓаат на проби и да ги изучуваат вештините кои се неопходни за еден актер. Нивната креативност е огромна, а може слободно да се каже дека во младите е силата и иднината на секоја земја, на секое населено место.“ – вели охридскиот режисер.
Возраснта граница на учениците се движи од 8 до 14 години, но како што потенцира Лаброски, доколку постои заинтересираност, во идниот период ќе биде отворена и повозрасна група во рамките на детското драмско студио „Мулти-култи“.
„За во идниот период се планира работа со повозрасна група на талентирани ученици, кои пред охриѓани ќе имаат можност да ја покажат својата креативност и талент. Исто така, како „Мулти-култи“ го организиравме настанот „тин фор тин“, односно промоција на 10-тина млади бендови од градот. Овој настан, планираме да го направиме традиционален, кој ќе им овозможи на младите музичари да се претстават пред своите сограѓани.“ – потенцира Лаброски.
Инаку, пробите на Детското драмско студио „Мулти-култи“ се оддржуваат секоја среда и петок во просториите на НУ Центар за култура „Григор Прличев“, од 19 и 19:30 часот.
O.T.