Под покровителство на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во х. „Инекс Горица“ денеска беше свечено отворена Школата за млади лидери, што на негова иницијатива по шести пат ќе се одржи во Охрид од 17 до 28 август.
-Не исполнува сите нас во кабинетот и сите вклучени во овој проект и ни причинува радост кога гледаме како една идеја 5-6 години станува реалност, како она што го замисливме се остварува и веќе се пренесува и други веќе отвараат школи за млади лидери на другите континетни.- рече во своето обраќање претседателот Иванов.
Тој истакна дека целта на школата е да им пренесе неопходни искуства на младите лидери во Македонија од сите области, бидејќи, како што посочи, тие еден ден ќе треба да нодат одлуки за својата држава.
-Сите сакаме да бидеме во Европа и да бидеме Европјани, но ја знаете состојбата со Македонија и сите блокади што до сега ги имаме, така што и оваа школа е влог во таа европеизација на Македонија, затоа што ако не можеме да бидеме дел од Европската унија барем младите да ги направиме Европјани во Република Македонија, да ги почувствуваат сите вредности што ги имаат нивните врсници од другите земји ки имале среќа да бидат дел од ЕУ, да ги споделуваат сите вредности и да ги користат сите привилегии од светот во кој живееме.– посочи Иванов.
На свеченото отворање свои обраќање имаа и Франко Фратини, поранешен потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија, Петар Стојанов, поранешен претседател на Република Бугарија и Фенг Тиан, генерален менаџер на China Civil Engineering Construction Corp, како и д-р Зоран Илиевски, професор на Правниот факултет “Јустинијан Први” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тие денеска ќе одржат предавања пред учесниците на школата.
Фратини во својот говор се осврна на перспективите на Западен Балкан и европските политики. Тој рече дека иницијативата на претседателот Иванов заслужува честитки, затоа што, како што истакна, токму тоа е потребно денес – да им помогнеме на младите генерации да бидат лидери.
-Имаме навистина голема потреба од лидери, и во приватниот сектор ни требаат лидери и во политиката и во Европа. Резултатите зависат од лидерството. Да бидам искрен, фактот дека бескрајната приказна околу името на Република Македонија и како тоа да биде решено е немање на лидерство, не е тоа бирократско прашање како да се дефинира тоа име, туку е недостаток на политичка волја, бидејќи Италија и јас како министер за надворешни работи секогаш сме се бореле за разрешување на оваа бескрајна приказна и нејзино конечно завршување. Сега можам да кажам дека тоа зависеше и се уште зависи од тоа дека не постои доволно политичка храброст во Европа. – рече Фратини.
Поранешниот бугарски претседател Стојанов, во својот говор пред младите лидери, порача тие да не губат надеж околу европските перспективи на земјата, без оглед на потешкотиите. Тој рече дека земјите од Балканот во минатото поминаа низ исклучитечно тежок период исполнет со многу војни и страдања од првата светска војна, па се до крвавите судири во поранешна Југославија.
-Во минатото нашиот регион беше заложник на толку многу историски стереотипи и предрасуди и сигурен сум дека младите од регионот треба да бидат подготвени да ги надминат. Членството во ЕУ значи и спроведување и исполнување на одредени критериуми, но пред се значи споделување на заеднички вредности и тоа не може да биде постигнато само преку декларации на националните парламенти и власи. Тоа пред се зависи од способноста на нашите политичари да изградат мостови, а не да ги уништуваат. Тоа пред се зависи од способноста на нашите општества, без заборавање на минатото и на историјата, но сепак да се сконцентираме на разрешување на тековните проблеми и најмногу зависи од можноста младите генерации да создадат заедничка визија за нашата заедничка европска иднина. Старите стереотипи веќе немаат место во новите балкански стратегии.-истакна Стојанов.
На годинашната школа ќе присуствуваат 20 реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Македонија, Европа, САД, Израел и Мароко, кои ќе ги пренесат своите искуства и видувања за лидерството на вкупно 44 учесници на школата.
Меѓу предавачите на шестата по ред Школа за млади лидери се и Абдулазиз Отман Алтваијри, генерален директор на Исламската образовно, научна и културна организација „ИСЕСКО“, Јован Ковачич, член на извршниот комитет на Трилатералната комисија и претседател на организацијата „Еаст Њест Бридге“, како и Метју Квасиборски, директор на Европскиот институт на Фондот за Американски студии. Предавања на школата ќе одржат и истакнати поединци, успешни лидери во компании и претставници на етаблирани институции од Република Македонија, Кралството Холандија, Република Србија, Република Турција и други земји.
Школата за млади лидери е лична иницијатива на претседателот Иванов. Досега се организирани пет интензивни тренинзи за лидерство – во 2010, 2011, 2012, 2013 и 2014 година. Идејата на претседателот Иванов е да се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.
Во изминатите пет години на школата учествуваа 200 млади луѓе и над 120 предавачи, меѓу кои Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешката Република и на Република Србија, Вацлав Клаус и Борис Тадиќ и други.
Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, кое преку организација на семинари, панел дискусии, предавања, средби со амбасадори, учество во младински настани, продолжува со развојот на знаењата и вештините на досегашните учесници на школата.
Г. Момироски