Со повеќе еко акции за чистење на струшкото крајбрежје на потегот од Евро хотел до Елен камен, подводно чистење на езерото, мапирање на еколошки чисти плажи, и едукативна работилница успешно се реализира проектот „Екологија, дел од нашата култура“ како дел од програмата на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во рамките на проектот, кој има за цел подигнување на еколошката свест, изработен е и видео спот преку кој младите испратија силни и јасни пораки за здрава и чиста животна средина.

Младите, помогнати од граѓаните кои се приклучуваа на акциите, собираа најразличен отпад. На повеќе локации се собираше отпадот а беше спроведека и креативна акција „Езерото не е корпа за отпад“ за која беа изработени транспаренти со еколошки пораки за заштита на Охридското Eзеро. Исчистените плажи се обележаа со еко-знамиња како еколошко-чисти плажи. Целта пред сѐ е подобрување на состојбата на животната средина и подигнување на свеста за зголемена заштита на Охридското Eзеро и крајбрежјето, велат од здружението „Нова порта“.

Од спортскиот клуб „Соларис“ кои беа дел од еко-активностите велат дека еколошките акции пред сѐ имаат едукативна намена а практичните примери се најважни во борбата за заштита на животната средина.

Преку реализацијата на проектот „Екологија, дел од нашата култура“ најмалите осознаваат за значењето на здравата животна средина. Во таа насока се организираа и едукативни еко-работилници. Од „Нова порта“ велат дека проектот од друга страна придонесе да се остави чиста слика пред бројните туристи кои престојуваат во Струга.

OhridNews