Волонтерите од ОУ „Григор Прличев“ потпомогнати од јавното комунално претпријатие утрово ја светнаа плажата во населбата Далјан. За само еден час тие собраа дваесетина големи кеси отпад, од што најмногу пластични шишиња и друга ПЕТ амбалажа. Вакви акции треба да има почесто, но треба и повеќе да ја чуваме природата, велат младите екологисти.


Акцијата на младите екологисти е дел од активностите кои се спроведуваат во  рамки на Неделата на рециклирање што под покровителство на УСАИД  се одржува во Охрид.


Целта на кампањата е преку разни едукативни активности што ќе се одржат во центарот на градот и плажите да се влијае на свеста на граѓаните да се приклучат во заштитата на животната средина преку селекција на отпадот. За почеток акцентот е ставен на пластиката која се смета за најопасен загадувач на природата. „За да се разложи едно пластично шише потребни се 700 години“ вели советникот за екологија Хавза Реџеп Какил. Таа посочува дека пластиката е мошне опасен загадувач и дека е потребно соодветно да се третира.


Хавза Реџеп Какил

Општина Охрид е дел од проектот за рециклирање на УСАИД со кој се опфатени 20 градови. На повеќе локации изградени се еколошки острови каде се поставени специјални контејнери за одлагање ПЕТ амбалажа која подоцна се пресува и складира по што ќе биде превземена од компании за рециклирање пластика. На овој начин општините драстично ќе го намалат количеството на отпад, вели Сашо Алче од ЈП Охридски Комуналец. Се очекува во првата година количеството отпад што општината Охрид го одлага на депонијата во Буково да се намали за 20% а со добра едукација и кампања во наредните години отпадот да се намали за 40%, вели Алче. Тој  очекува за две години комплетно да ја спроведе примарната селекција со што во голема мера ќе се подобри јавната хигиена.


Сашо Алче

Во рамки на Неделата на рециклирање на градскиот плоштад синоќа се одржа еко-хепенинг, а слични активности во наредните денови ќе се одржат на плажата „Куба Либре“ и на други локации во Охрид.


Собирај ПЕТ за почист свет

Ohridnews