Фондацијата „Македоника“, во соработка и со финансиска поддршка на „Меѓународниот фонд за промоција на културата“ на УНЕСКО, во четврток на 7-ми јули во Охрид ќе го промовира проектот „Воведување на младите талентирани автори во дигиталната издавачка индустрија“. Настанот ќе се одржи во 11 часот во просториите на библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид.
Можност да учествуваат во проектот имаат сите автори на возраст од 18 до 30 години.
-Во период од 10 месеци, се очекува многу млади и непознати автори за прв пат да ги објават своите дела. Сите пристигнати дела што ги задоволуваат критериумите за подобност ќе бидат објавени во бесплатната дигитална библиотека на Фондација „Македоника“. Издавачката комисија на проектот ќе ги избере четриесетте најдобри што ќе бидат наградени со авторски хонорар. Делата од македонски автори ќе бидат објавени на македонски јазик, а делата на јазикот на етничките заедници ќе бидат објавени двојазично, на мајчиниот јазик на авторите и на македонски јазик, објаснуваат од Фондацијата „Македоника“.
Во рамките на дигиталната библиотека ќе биде организиран и социјален форум каде читателите ќе ги коментираат и оценуваат објавените текстови. Најдоброто дело на проектот ќе добие специјална награда во вредност од 1.000 долари Жанрот на делата за доставување не е ограничен, т.е. авторите можат да конкурираат со проза, поезија и драма. Авторите можат да конкурираат со едно или повеќе дела.
OhridNews