Ракометарите на Охрид доживеаја пораз во салата „Билјанини извори“ од втората екипа на Вардар, во рамки на подготовките за новата сезона во Супер лигата која започнува на 20-ти септември. Вардар славеше со 22:24 (11:13). 

Мечот започна со едноминутно молчење во знак на почит кон членот на навивачката група „Рибари“ Тони Тузески кој го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа што вчера се случи кај Лагадин.

На почетокот од натпреварот се играше израмнето, но кај домашните ракометари видлив беше заморот од силниот турнир во Прилеп каде Охрид го освои првото место. Тоа умешно го искористија младите ракометари на Вардар засилени со одличниот голман Страхиња Милиќ на голот, кој ја направи разликата во првото полувреме бранејќи повеќе зицери и пенали.

Во вториот дел охриѓани кои и на овој натпревар играа без бекот Мите Караиванов се обидоа да го свртат мечот, во што не успеаја за малку. Се до самиот финиш беше неизвесно, но по неколку промашувања на домаќините, тимот на Пепи Манасков направи одлучувачки чекор кон победата.

Тренерот на Охрид Горан Андоноски истакна дека екипата по турнирот во Прилеп без пауза го продолжи тренажниот процес во кој е вклучена и теретана, што влијаело на концентрацијата на играчите. Сепак тој смета дека со враќањето на Караиванов во составот ќе се зголеми краткиот ростер, како и дека до почетокот на сезоната ќе се склопат сите коцки и Охрид кога ќе биде најпотребно ќе заигра како што треба.

-Продолжуваме со работа и сметам дека во првенството ќе играме како што треба. Да не заборавиме дека две недели играме без Караиванов, а нашиот ростер е толкав колкав што е. -изјави Андоноски.

Андоноски очекува интересна и неизвесна сезона во Супер лигата, посочувајќи дека екипите како никогаш до сега не биле толку изедначени

-Екипите ќе бидат тотално изедначени, имавме чест денеска во Охрид да го гледаме Горан Милиќ кој е еден од најдобрите светски голмани. Не гледам зошто не би ги победиле сите екипи, кои се изедначени по квалитет, сите имаат странци во своите состави, но ние продолжуваме каде што застанавме со подготовките и ве уверувам дека охриѓани ќе гледаат врвен ракомет.-истакна Андоноски.

РК Охрид подготовките ги продложува во Охрид, а следната недела ќе одигра уште два контролни натпревари, еден најверојатно во Грција, кои ќе бидат последни пред почетокот на првенството. Андоновски изрази задоволство од ангажманот на странските засилувања, кои тој очекува целосно да бидат подготвени до почетокот на шампионатот во кој Охрид влегува со големи амбиции да оствари пласман во плеј-офот на Супер лигата.

Г.М.