Леон минатата година беше прогласен за најдобар млад фудбалер, а оваа година е прв голгетер.


Вонсериски фудбалски талент

Леон Лекоски има само 11 години и веќе е еден од најталентираните фудбалери во покраината Северна Рајна Вестфалија. Неговиот клуб „1.ФСВ КЕЛН 99“, е тим на годината, а Леон негов најдобар голгетер. На 15 натпревари постигнал 17 гола.

Неговиот развој како фудбалер го следат тројца тренери, меѓу кои главен е поранешниот репрезентативец на Уганда Ј. Доминик. Леон игра на позиција центарфор, и успешно ги „решета“ противничките мрежи. За него веќе се заинтересирани клубови за повозрасни фудбалери. Тренира во центарот за таленти на познатиот фудбалски клуб и некогаш успешен бундеслигаш Келн.

Младиот Леон го затекнавме во Охрид на стадионот „Билјанини извори“ каде со неговите овдешни другари играат викторија. Зборува добро македонски со охридски акцент.

„Го обожувам Охрид и секое лето доаѓам овде кај дедо ми Тоде. Го сакам езерото, посебно нуркањето, во што ми помагаат од клубот за подводни активности „Амфора“. Сакам да сум добар фудбалер, а мои идоли се Меси и Подолски. Од македонските фудбалери го сакам Горан Пандев. За неколку години се надевам дека ќе заигграм за некој од поголемите фудбалски клубови во Германија, но знам дека е многу рано да размислувам за репрезентативните дресови на Германија или Македонија.“ – вели Леон.

Неговиот татко Оливер будно го следи развојот на Леон.

„Ме радува што фудбалските стручњаци во Германија Леон го сметаат за несекојдневен, вонсериски фудбаски талент. Затоа со него тренерите грижливо работат, но и јас настојувам правилно да се развива како спортист и човек. Училиштето му е исто така многу важно и своите обврски, иако е само единаесетгодишник, ги сфаќа сериозно. Како татко се гордеам со него и посакувам да ги оствари своите фудбалски сништа. Но, се во свое време.“ – истакнува Оливер Лекоски.

OhridNews