Седумнаесет годишинот Алвин Цедер Ристески, кој живее во Шведска, а по потекло е од Охридско, стана шведски првак во Ендуро мото шампионатот (теренски – офроуд мотоцикли), за натпреварувачи до 18 години. Ристески за OhridNews го раскажа патот до големиот успех. Вели дека речиси секое лето го посетува Охрид, а неговите идни планови водат кон Европско првенство во оваа категорија.

Моите баба и дедо се од Охрид од Долно Лакочереј, а мојот татко е роден во Шведска. Речиси секое лето доаѓаме во Охрид од каде ми се корените.  Со подготовки за актуелната мото сезона започнав уште минатата зима. Откако освоив сребро во 2018 и 2019 на Шведското првенство за млади,  имав огромна желба да се обидам да освојам злато уште во 2020, но повредата на рамо ме спречи да учествувам на првенството. Значи мотивација и фокус за 2021 имав и тоа како. Бев во добра форма на почеток на зимата и се пријавив на зимска трка во локални рамки, тука каде што живеам, што резултираше со скршен зглоб за што беше потребна хируршка интервенција и долга рехабилитација која траеше од јануари до средината на април, раскажува Ристески.

Тој истакна дека за време на тренинзите имал проблеми со зглобот и не можел да вози подолго од 30 минути, што му создавало недоумици за претстојниот шампионат во мај.

На почетокот од шампионатот се двоумев како ќе се одвива првенството за мене, но го поминав првиот дел од натпреварот и успеав да завршам на петто место  во првата трка за што бев пресреќен. Чувствував дека имам брзина да продолжам до врвот, но не за целосна трка бидејќи  специјалните тестови  кои се прават за време на возењето покажаа дека натпреварувачкиот ден ќе трае од 9 до 15 часот. Вториот дел од натпреварот успеав да го совладам малку подобро и го освоив 4-то место, па така почувствував дека се враќам во форма, само беше потребен уште тренинг, додава Ристески.

Тој вели дека почувствувал дека е подготвен кога кон крајот на јули во третиот дел од првенствената трка бил побрз 45 секунди од второпласираниот, но доживеал несреќа. За време на трката погодил карпа и заглавил под моторот по што го загубил водството. Сепак оваа трка ја завршил како второпласиран.

За финалната трка, вели дека била совршена од почеток до крај.

Нема многу што да се каже за 4- то натпреварување. Совршена трка од почеток до крај. Стигнав прв со победничка разлика од 1 мин 30 секунди пред второпласираниот. По победата, се обидов да не размислувам толку за шампионското злато затоа што ништо не ми беше јасно.  Пред последната трка водев со пет поени во генералниот пласман, што значеше дека доколку би бил и трет на завршното натпреварување, сепак имаше шанса да освојам злато, додава Ристески.

На 11-ти септември биле спроведени девет специјални тестови, од кои уште на првиот Алвин почувствувал дека ќе биде подобро.

Кога извршивме 8 од 9 специјални тестови, имав предност од 48 секунди. Кога го направив последниот специјален тест, имав целосен фокус на трката во моментот, но кога се приближив до финишот, видов како татко ми и моите најблиски заедно со  целата  публика стојат, ракоплескаат и извикуваа „Шведски шампион“. Тоа беше навистина прекрасно чувство. – истакнува младиот Алвин.

Алвин вели дека сега следуваат помали натпревари, а потоа  подготовки за 2022 година во која планира да искачи уште една класа и да вози на Јуниорскиот шампионат на Шведска. Негови желби се учество на Европско првенство, а вели дека би било одлично доколку успее да го реализира планот да вози низ планините во Охрид.

К.А.