– Пратејќи ги настаните кои секојдневно се подраматични, кои го надминуваат нормалното и дозволено ниво на комуникација, полна со навреди, клевети и омраза, Младински Совет Охрид го осудува последниот чин кој е поврзан со поставувањето на срамните билборди и начинот на кој е претставен охридскиот градоначалник, господинот Александар Петрески. Слушнавме секакви изјави и од владејачката партија на централно ниво ВМРО ДПМНЕ и од владејачката партија на локално ниво СДСМ, сите ја слушнавме и видовме изјавата и на господинот Бранко Црвенковски, но сето тоа како да не беше доволно. Некој се дрзнал и ги нарачал срамните билборди со кои осамна Охрид. Господинот Петрески е градоначалник на општина Охрид, доби и втор мандат од граѓаните, ја извршува функцијата градоначалник на начин на кој тој смета дека е најсоодветно, во своето работење има направено и убави и помалку убави работи, но ако не господинот Петрески, тогаш функцијата ГРАДОНАЧАЛНИК не заслужува вакво понижување. – стои во реакцијата на Младинскиот совет.
Оваа невладина организација смета дека многу е лесно да се открие нарачателот на билбордите, а локалната самоуправа не треба да остане само на реакции до медиумите туку треба да дојде до вистинскиот причинител на оваа штета за општината Охрид.
– Младински Совет Охрид прашува кое е таканареченото Здружение на загрижени граѓани кое ќе организира протести поради отсуството на градоначалникот Петрески, кога согласно Законот за здруженија и фондации јасно е наведено што е здружение на граѓани и како тоа делува. Со ваквото појавување на безброј здруженија на граѓани кои се за една употреба, се нарушува угледот на здруженијата на граѓани кои работат согласно Законите кои важат во Република Македонија и се дава лоша слика за она што тие го работат, стои во реакцијата.
Младинскиот Совет Охрид нема заземено став во врска со официјалната посета на градоначалникот и делегацијата во Австралија, затоа што смета дека тоа е дел од плановите за работа на Локалната Самоуправа, и затоа што нема официјални докази за тоа како официјално фигурираат членовите на делегацијата во документите кои се доставени до институциите во Австралија, или пак во Конзуларното претставништво на Австралија во Белград, доколку се таму издадени.