Црвен крст Охрид во периодот од 21-27 септември 2024 г. ќе ја одбележи Неделата на Промоција на хумани вредности (ПХВ). Меѓу бројните настани со промотивно-хуманитарен предзнак предвидени за оваа недела е прикажувањето на театарската претстава „Приказна за една идеја” во изведба на младите волонтери од Клубот на млади на Црвен крст Охрид.
Во претсавата како што беше посочено на денешната одржана прес конференција се вклучени околу 50-тина волонтери од кои 10 се глумци, а останатите дел се статисти и логистика.
Емилија Блажеска, волонтер во Црвен крст Охрид, посочува дека низ претставата се прикажува дел од животниот пат на Анри Динан и како дошол до идејата за формирање на Меѓународниот Црвен крст и на кој начин тоа го направил.
Текстот за претставата го напишавме јас, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц, но во текстот голема улога одиграа и младинците од Црвен крст бидејќи секогаш гледаме кога подготвуваме некоја претстава младинците да имаат активна улога. Не се само глумци, туку и сценаристи, костимографи, сценографи. Така што целокупната претстава ќе биде сублимат на заедничката работа и на нас како дел од „Вдиши театар“ и на младите кои учествуваа во ПХВ, но и на младите кои се дел од Клуб на млади при Црвен крст Охрид, вели Блажеска.
Главниот лик на основачот на движењето на Црвен крст, Анри Динан, во претставата го глуми Борче Исакоски, волонтер во Црвен крст и дел од ПХВ проектите.
Секогаш кога сме зборувале за Анри Динан, сме зборувале за храбар и добронамерен херој кој бил случаен минувач на бојното поле и оттука се родила самата идеја да ја формира оваа организација. Токму сега кога кога ја добив шансата да влезам во неговите чевли сфаќам дека тоа е многу повеќе од една приказна којашто ја кажуваме кога го раскажуваме историјатот на нашето движење и дека е многу помоќно дело кое го направила една индивидуа, зошто секој ден слушаме за добри дела кои ги прават поединци во светот. Но, дефинитивно сметам дека дури сега може да се разбере големината на тоа што тој го направил, еден од луѓето кој ги направил најголемите дела за целото човештво, вели Исакоски.
Анастасија Атесленко, волонтер во Црвен крст, дел од ПХВ проектите и дел од актерската екипа во претставата ја глуми Сесилија кој е медицинска сестра.
Сесилија го поддржува целиот пат на Анри Динан до самиот крај и создавањето на Црвениот крст. За мене најбитна работа во оваа претстава е нашето дружење, меѓусебното помагање и соработка во градење на улогите. За мене тоа е најбитно како волонтер и ПХВ младинец, посочи Атесленко.
Програмата за Промоција на хумани вредности е Национална програма која Црвен крст на Република Македонија ја имплементира во нашата држава повеќе од 20 години и која во последните неколку години опфаќа повеќе од 1200 млади.
Секоја година овие млади изработуваат т.н мали проекти со кои прават некои промени во нивните заедници. Се тоа се работи преку една добро организирана структура односно под водство на нивните млади дисеминатори, ПХВ ментори и инструктори. Имаме голема разновидност на малите проекти, каде се опфатени работа со социјално загрозени лица или социјално загрозени фамилии, со најразлични општествено ранливи групи како лица со посебни потреби или различни маргинализирани групи. Тоа што е актуелно во последниве години се и еколошките проекти за подигнување на еколошката свест, како и интеркултурниот проект чија што главна цел е промовирање на интеркултурните вредности и соживотот на различните етнички заедници во нашето општество, објаснува Исакоски.
Посочува дека ПХВ Неделата се одбележува секоја година од 21 до 27 септември на Национално ниво каде се промовираат изработените проекти и ефектот кои тие го имале во самата заедница, а годинава задачата која ја добила секоја општинска единица е организирање една театарска претстава во која ќе се претстави историјатот на настанувањето на движењето, односно како настанал Црвениот крст и приказната за Анри Динан.
Театарската претстава „Приказна за една идеја” ќе биде изведена во недела, 22 септември, на сцената во предворејето на црквата Св.Софија со почеток во 20:00 часот.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска