Поранешниот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, обвинет за  геноцид, синоќа е примен во судскиот притвор во Шевенинген, потврди официјално Хашкиот трибунал, пренесува „Макфакс“.

Притоа не се објавени детали околу транспортот на Младиќ до Хаг.

Српските власти го транспортираа Младиќ со специјален авион до Ротердам, каде што им го предадоа на претставниците на Трибуналот.

Српските медиуми објавија дека два хеликоптери околу 21.25 долетале до притворот во Шевенинген, а еден од хеликоптерите се спуштил внатре во притворскиот круг. Истовремено во притворот пристигнале и неколку комбиња.


Согласно правилата на Трибуналот, првото појавување на Младиќ пред судот, на кое што треба да се изјасни за вината по точките на обвинението, треба да биде во наредните 48 часа.

Со изменетото обвинение, на товар на Младиќ се ставени 11 точки, за геноцид, злосторства против човештвото и кршење на обичаите на војување во војната во БиХ 1992-95.

Обвинението против Младиќ е концетрирано на етничкото чистење на Муслиманите и Хрватите ширум БиХ, артилерскиот и снајперскиот напади врз цивили за време на опсадата на Сараево, геноцид на околу 7.000 Муслимани во Сребреница и во уште осум други општини во БиХ .

Првото обвинение против Младиќ е подигнато на 25 јули 1995 година за геноцидот во Сребреница, но тој се криеше се до 26 мај, кога беше уапсен во близината на Зрењанин.

OhridNews
извор: „Макфакс“