Сослушувањето на Ратко Младиќ во специјалниот суд во Белград е прекинато поради многу тешката психофизичка состојба на хашкиот обвиненик. Продолжувањето на сослушувањето е закажано за денес, пренесува „Макфакс“.
 
Според сознанијата на белградски Блиц, осомничениот за воени злосторства сторени во 1995 година во текот на војната во Босна и Херцеговина, воен командант на војската ана Република Српска на сослушувањето, синоќа,  не можел  да ги изговори ниту своите лични податоци.
 
„Ратко не можеше да состави ни цела реченица, тешко зборува и тешко се движи. А овде дојде со полана кеса лекови. Ги игнорираше прашањата на судијата и се вртеше кон Бруно Векариќ кој очигледно му е многу антипатичен и ја коментираше неговата брада’, изјави за Блиц адвокатот на Младич, Милош Шаљиќ.
 
Според Шаљиќ, Младиќ на сослушувањето повеќепати повторил дека не ги признава судот во Хаг. Исто така, признал дека во моментот на неговото апсење кај себе имал два пиштола, но дека “не сакал да ги убие децата“ кои дошле да го уапсат.
 
Младиќ му се заблагодарил на својот адвокат што претходните години внимавал на неговото семејство, што зборува дека бил многу добро информиран за се’ што се случува во врска со потрагата по него изминативе години.
 
„Ратко не треба да биде одведен во Хаг, бидејќи е тешко болен и неопходно е негово лечење во специјализирана установа“, додал неговиот адвокат Шаљиќ.
 
Заменикот обвинител за воени злосторства, Бруно Векариќ, потврдил дека сослушувањето на Младиќ ќе продолжи денес,  не наведувајќи ги причините за прекинување на распитот.
 
Сослушувањето почна синоќа во 19.30 часот  пред истражниот судија на Одделението за воени злосторства на Вишиот суд во Белград, Милан Диплариќ во присуство на заменикот обвинител за воени злосторства Драгољуб Станковиќ. Претходно Младиќ кој бил доведен околу 16 часот во судот од централата на Безбедносно информативната агенција (БИА) бил прегледан од лекари. Сослушувањето било прекинато околу 21 часот.
 
Младиќ беше уапсен вчера утрото околу шест часот од припадници на српското министерство за внатрешни работи и припадници на БИА во селото Лазарево крај Зрењанин. Тој веднаш им признал на агентите дека е Ратко Младиќ, а кај него биле пронајдени документи на име Милорад Комадиќ.
 
Апсењето на Младиќ го поздравија сите европски лидери а вечерва на српскиот претседател Борис Тадиќ и на безбедносните служби на Србија им одадоа американскиот претседател Барак Обама и државната секретарка на САД Хилари Клинтон.
 
„Му честитам на претседателот Тадиќ и на владата на Србија на нивните решителни напори со цел да обезбедат Младиќ да биде пронајден и да се соочи со правдата. Очекуваме негово брзо префрлање во Хаг“, стои во писмената изјава на Обама издадена од францускиот град Довил, каде претседателот на САД присуствува на самитот на групата Г8.
 
„Ова е голем ден за правдата во меѓународниот систем. Апсењето на Младиќ служи како порака за оние во светот кои сакаат да ги прекршат законите и да ги земат за цел цивилите: меѓународната правда функционираа. Ако сториш злосторство, нема да ја избегнеш пресудата, нема да си заминеш слободен“, изјави, пак, Хилари Клинтон.

OhridNews
извор: „Макфакс“