Вкупно 25 екипи на млади програмери денеска и утре ќе разработуваат идеи и креативни замисли до демо верзија на продукт, во рамки на годинешниот програмерски маратон „Codefest“ што започна на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ во Охрид.

Организаторите на овој натправар, кој е одржува по трет пат велат дека „Codefest“ е осмислен како начин за анимирање и инспирирање на студентите по информатика и младите луѓе да ги претстават своите креативни идеи, но и да имаат можност за нивна реализација.

Оваа година, дел од маратонот е продукт-менаџерот во „Facebook“ Ербил Караман кој изјави дека гледа голем потенцијал во учесниците на маратонот.

-Верувам дека секоја идеја не завршува со потенцијалот што го поседува, туку со тоа колку таа може да се реализира. Токму затоа сум тука, затоа што ние како компанија функционираме на начин да се трудиме да ги реализираме своите идеи, да ги пронајдеме луѓето со идеи и да им помогнеме нивните замисли да се реализираат во реалноста, истакна Караман.

Учесниците на натпреварот ќе имаат можност да се запознаат и со Асиф Раџа, основач и генерален менаџер на компанијата „Mindmakеr“, кој дел од своето работно искуство го стекнал во компанијата „Apple“.

-Верувам дека тука се креира иднината, кога станува збор за односната област. Тука младите луѓе се подготуваат активно да се вклучат во изградбата на општеството од иднината. Тука сум на младите умови да им го пренесам своето искуство и да им укажам на тоа како да ги избегнуваат грешките што јас сум ги правел во мојот професионаел ангажман, изјави Раџа, кој има 25-годишно искуство во областа на информатиката.

Тој смета дека зад секој млад човек стои идеја, која од нив ќе создаде нешто што ќе биде од корист како за општеството, за заедницата така и за личен успех и изградба на сопствена кариера.

За најдобрите екипи, оваа година организаторите обезбедиле учество на светски познати натпреварувања од ваков тип, преку кои ќе им биде дадена шанса своите идеи да ги претстават пред поголем потенцијален пазар.

-Сметаме дека преку ваквите награди дополнително ќе ги инспирираме студентите максимално да се вложат себеси и на тој начин да обезбедат присуство на слични, но далеку помасовни манифестации, на кои ќе можат своите креативни идеи да ги претстават пред потенцијални инвеститори од целиот свет, појасни Вилијам Асиама од организацискиот тим на „Codefest“.

Тој информираше дека станува збор за четири манифестации од сличен тип, и тоа два натпревари во земјата, како и за учество на поголеми меѓународни натпревари што ќе се одржат во Црна Гора и во Турција.

OhridNews