Решение за одгледување на зеленчук во вселената им донесе победа на четири млади девојки и едно момче на натпреварот NASA Space Apps Challenge – Skopje, MKD. Студентите на возраст од 21 до 23 години кои беа дел од победничкиот тим “TeamySeed” го презентираа проектот на финалето на националниот хакатон и ја освоија главната национална награда, патување во NASA Kennedy Space центарот кое е планирано за почетокот на 2022 година, со можност да присуствуваат и на полетување на ракета.
Четворица од членовите на тимот “TeamySeed” се од Охрид, а еден член е од Скопје. Тимот го сочинуваат : Тијана Костовска (Машински факултет – Мехатроника, УКИМ), Климент Младеноски (Машински факултет – Мехатроника, УКИМ), Емилија Симјановска (Природно-математички факултет, УКИМ), Ивана Неделковска (Технолошко-металуршки факултет, УКИМ), Симона Шурбановска (Филолошки факултет, УКИМ).
Студентите го осмислија и дизајнираа Salastra -систем за автоматизирано одгледување на растенија во кој може да се одгледува спанаќ и други растенија за потребите на астронаутите на вселенските летала, на други планети, но и на Земјата во сушни области или периоди.
“TeamySeed” заедно со второпласираниот тим AstriX се во конкуренција и за глобална награда од NASA.
За ова ќе одлучуваат комисии од NASA во периодот од 20ти октомври до 30ти ноември по што ќе бидат прогласени и 10те глобалните победници.
Најголемиот хакатон во светот, NASA Space Apps Challenge на кој учество зедоја над 28.000 учесници од 328 локации ширум светот беше во знакот на 10 годишниот јубилеј кој се одбележува годинава. Право на учество на натпреварот имаа сите млади таленти со познавања и вештини во најразлични области како програмирање, машинство, нови технологии, големи бази на податоци, дизајн, хемија, физика, математика, агрономија, астрономија, а секако и претприемништво.
Во Македонија натпреварот се одржа во организација на „Њуменс Бизнис Акцелераторот“ и Фондацијата „Голдилокс“, предводен од Ирена Чаушева Даниловска која е Национален координатор на натпреварот. Учествуваа вкупно 210 учесници, од кои 120 во категоријата до 12 години, и 90 во категоријата наменета првенствено за средношколци и студенти. Беа формирани 20 тима кои се натпреваруваа за влез во финалето и за двете први места кои освоени на национално ниво директно им отвораат врата на младите иноватори, истражувачи и решавачи на проблемни за претставување на своите решенија пред експерти на NASA како и пошироката заедница на меѓународни истражувачки проекти, фондови и инвеститори.
Прво и второпласираните тимови ги очекува дополнителна интензива работа во следните неколку дена за да ги подготват своите решенија со поддршка на менторите и членовите на националната жири комисија, а пред стартот на глобалното оценување, информираа од натпреварот.
OhridNews