Двајца новопечени младенци од Пенсилванија завршиле во затвор бидејќи од една продавница украле храна за потребите на својот свадбен прием. Весникот „Center Daily Times“ пренел дека Артур Филипс Трети и неговата сопруга Бритни Лерч биле приведени во саботата бидејќи украле роба вредна повеќе од 1000 долари од една самопослуга во местото Стејт Колеџ.
Локалната полиција соопштила дека кражбата била снимена од камерите во продавницата. На снимката се гледало како ставаат од намирниците во количка и го напуштаат објектот без да платат. Весникот напишал дека обајцата ја признале вината. На полицијата и изјавиле дека се венчале пред неколку дена и дека храната ја зеле истиот ден кога бил свадбениот прием.