Исклучително талентираната пејачка Барбара Поповиќ, која на пошироката јавност и стана позната по извонредниот настап во втората сезона на „IDJ Show“ во кое го освои второто место, е сврстена во најдобрите 100 поп пејачи во Европа кои треба да се следат во 2024 година според „Импала“, официјален партнер на „You Tube“.
Ова е голем успех затоа што Европа има илјадници изведувачи, велат од тимот на 23-годишната Барбара, дипломиран оперски пејач, која кариерата ја продолжи во поп пеењето.
Нејзината песна „Ватрена“ на познатиот македонски композитор и нејзин ментор во „IDJ Show-то“, Дарко Димитров, на You Tube има повеќе од 2,5 милиони прегледи, што само говори за потенцијалот на Барбара.
Барбара со одличниот настап на „IDJ“ Show, го сврте вниманието на себе. Особено впечатлива беше нејзината изведба на антологиската „Зајди Зајди“ за која семејството Сариевски ги отстапи авторските права, да може песната да биде отпеана и објавена на „YouTube“.
Барбара потпиша петгодишен договор со продукцијата „IDJ“, кој предвидува организирани настапи во Македонија, Србија и Црна Гора, издавање албум и соработка со најдобрите композитори во регионот. Во моментов таа подготвува две нови песни со видео записи кои наскоро ќе бидат објавени од продукцијата „IDJ“ во Белград.
Иако е млад изведувач, Барбара Поповиќ веќе има акумулирано големо искуство. Таа во 2013 ја претставуваше Македонија на детската Евровизија со песната „Охрид“, настапувала на реномирани фестивали, а добитник е на повеќе награди и признанија за оперско пеење во Италија и Србија.
Оперското пеење го сака и го негува, но сега за сега се одлучи кариерата да ја гради во поп пеењето, што не значи дека нема да се наврати на оперското пеење кое и е главната база, техниката и искуството, што и помогна да заплива успешно во поп водите, додаваат од тимот на Барбара.
Барбара Поповиќ, пред која е блескава иднина, има охридско потекло. Таа е ќерка на актуелната директорка на фестивалот „Охридско лето“, охриѓанката Наташа Поповиќ.
Н.С.Ј/Г.М.