Се започна од запознавањето со светски признатата фотографка Билјана Јуруковски која беше дојдена во Вевчани да го слика Вевчанскиот карневал, вели младата Нина Анѓелоска, ученик во охридската Гимназија. Таа ме воведе во фотографските води, добив апарат со кој сега работам и ми помогна да ја создадеме мојата „facebook“ страница „Nina’s Photography“ каде ги објавувам моите фотографии од убавиот Охрид, раскажува вљубеничката во фотографијата.

 

Горда сум што се занимавам со оваа професија затоа што можам во меѓувреме да го промовирам и мојот роден град. Имам многу фотографии кои ги опишуваат убавините на Охрид. Секоја фотографија си има своја приказна, своја убавина а исто секоја од нив е направена и презентирана со посебна љубов. – истакнува Нина.

Освен со фотографијата, Нина од неодамна почнала да се занимава и со снимање. Таа е автор на филмот „Животот и традицијата на младите“ кој го објави на „Youtube“ и на нејзината „facebook“ страница.

Во филмот се раскажува како се славеле празниците: Коледе, Бадник, Божик, Стара нова година и Водици во минатото и во сегашноста. Конкретно е направен за да се прикажат обичаите во Пештани. Верувам дека направив едно добро визуелно четиво кое го постигнав најмногу поради подршката која ја имав од моите најблиски. Да ја зачуваме и негуваме традицијата. – вели младата и амбициозна фотографка Нина Анѓелоска.

OhridNews