Марија и Антонио Димовски ги произведуваат првите македонски органски путери од лешник и бадем, кои се вистински хит, но и повеќе од тоа – концепт на здрава храна. Тие се млад брачен пар чии здрави животни навики ги поттикнале да ја создадат приказната „Бонита“. – Целта ни е тоа што го правиме за себе најдобро да го пласираме на пазарот бидејќи како негувачи на здрав живот постојано се соочуваме со масовна индустрија и малку квалитетна храна. Со љубов и посветеност даваме се одсебе да ги задржиме ензимите и здравите нутриенти во јатките и од нив креираме неодоливи превкусни путери од јатки, велат Димовски. Нивната приказна започнува во јануари 2019 година и засега своите производи ги пласираат во 50 продажни места во земјата, меѓу кои и во Охрид. За „Бонита“, првите македонски органски путери и здравствените придобивки од оваа храна, разговаравме со Aнтонио и Марија, која инаку има охридско потекло.
ON: Што се тоа путери Бонита, што ги разликува од останатите на пазарот?
M&A: Бонита се сертифицирано органски путери од јатки, а целта ни е да пласираме целосен концепт на здраво живеење, не само да се пласираат производи. За таа цел организираме настани и активности кои поттикнуваат паралелен развој на телото и умот, заштита на животната средина, хуманитарни настани и слично. Покрај тоа што Бонита има уникатни вкусови и максимално внимава на технолошкиот процес и квалитетот на производите, сите овие активности се дополнителна вредност.
Путерите се користат како додаток во оброк, ужинка, како прелив на салати, прелив на месо и риба, со палачинки, вафли, смути, додаток во здрав сладолед, директно од тегличка за енергија итн. Повеќе идеи може да се погледнат на www.bonita-vita.com и нашата Инстаграм страна www.instagram.com/bonita_organic_nut_butters.
Одлични се за деца, спортисти, за сите кои сакаат да уживаат, за луѓе кои имаат потреба од благо, за луѓе на кои им треба повеќе енергија, буквално за сите.
ОN: Како дојдовте на идејата да отпочнете ваков бизнис кај нас?
M&A: Идејата ни беше да создадеме брза, вкусна и нутритивна ужинка или додаток во оброк погоден за секого. Воедно, се одлучивме за органско производство бидејќи органската храна е потреба за нас и за животната средина.
ON: Какви здравствени особини имат путерите Бонита, која е нивната нутритивна вредност, за што се препорачуваат?
M&A: Придобивките од органските путери Бонита се бројни: супер извор на протеини, витамини и здрави масти, помагаат за правилен развој на децата, заситуваат и ја намалуваат потребата за благо, ја намалуваат можноста од појава на срцев удар, го поттикнуваат помнењето и концентрацијата, го регулираат нивото на шеќер и холестерол, ја хранат кожата и косата, го намалуваат ризикот од канцерогени заболувања, содржат магнезиум, калциум, витамини Б и Е, содржат фолна киселина, важна за трудници, одлична поддршка за спортисти итн.
Сите овие придобивки се благодарение на изобилството од витамини, минерали, протеини и здрави масти. Здравствените придобивки и вкусовите кај Бонита путерите се истакнати бидејќи станува збор за органски производи произведени со посебно внимание и контрола.
ON: Кој го проверува квалитетот на призводот, составот и како?
M&A: Испитувањата се вршат преку Институт и на тој начин се испитува микробиолошкиот и хемискиот состав. Органското производство е контролирано од Балкан Биосерт Скопје.
ON: Од каде се набавуваат суровините за производство, како се одвива истото?
M&A: Бонита путерите се македонски бренд со врвен квалитет. Најголемиот дел од суровината е македонска. Лешникот, бадемот и медот се органски и тие се главната суровина во путерите. Суровините кои не се застапени кај нас се повторно органски со врвен квалитет.
ON: Постои ли анализа на пазарот колку македонските потрошувачи практикуваат органска храна, колку внимаваат на намирниците кои ги купуваат и дали се што се декларира како органска храна навистина е таква и здрава?
M&A: За тоа што може да гарантираме е дека Бонита производите се сертифицирано органски и нашата цел да мотивираме што повеќе производители да ги сертифицираат своите насади и да произведуваат органска храна бидејќи органската храна не само што е тренд туку е навистина здрава и потребна и на наше задоволство се повеќе се практикува. Посебно ни е драго кога мајките ги учат своите деца да се исхрануваат со органска храна.
ON: Какви видови путери произведувате, кој е фаворитот на потрошувачите засега?
M&A: Засега имаме пет вкусови: лешник, лешник со какао, лешник со какао и чили, бадем, бадем со мед и цимет. Покрај ова имаме и сет за подарок со 3 путери – лешник, лешник со какао и бадем. Фаворити на потрошувачите се путерот од лешник со какао и путерот од бадем.
ON: Дали планирате проширување на понудата?
M&A: Да секако. Имаме многу идеи кои наскоро ќе ги реализираме. За подетално следете не на социјалните медиуми Фејсбук и Инстаграм.
ON: Каде се пласираат путерите Бонита, каде можат да се најдат во Охрид?
M&A: Путерите во Охрид може да се најдат во Топ Маркет, Тамаро и Бако, како и во Скопје: ДМ (11 маркети), Дием – ГП Маркети, Марвик (ТЦ Буњаковец, ТЦ Бисер – Аеродром, спроти Државна болница, Зелен пазар, пазар Ѓорче), Лара-Ви (Тафталиџе), Пиљари Ками (Козле, Кисела Вода и Капиштец), Бако (Рекорд), Виталиа (кај Државна болница и во ГТЦ), Наша Добра Земја (Карпош), Freshys – Фрешис (Центар), Перфект Боди Центар (Центар), Магнус фитнес центар (Центар), во Прилеп во ДМ и Бако, во Куманово, Штип, Тетово во продавниците на ДМ….
ON: Размислувате ли можеби за извоз?
M&A: Задоволството е големо да бидеме застапени на домашниот пазар, но од самиот старт целта ни е овие превкусни путери кои се македонски бренд да се најдат и на странските пазари. Отворени сме за соработка.
OhridNews