Македонската кошаркарска федерација (МКФ) во пресрет на куп завршницата одржа годишно собрание на кое искажа до сега непознати факти за охридската и македонската јавност.


Имено, на адреса од МКФ стигнала судска пресуда за наплаќање на стари долгови за изградбата на спортската арена „Билјанини Извори“.

– Градежната компанија „Бетон“ ја вршела изградбата на „Билјанини Извори“ во Охрид и не знам како тој трошок станал долг на Македонската Кошаркарска Федерација, тој износ е зголемен со судски трошоци и камати. Ние веќе поднесовме жалба, но морам да ве известам сите дека евентуалната судска пресуда против нас би значела и одземање на половина од предвидениот буџет за оваа година – рече првиот човек на МКФ, Даниел Димевски и додаде – Плативме преку 40.000 евра за некакви си автобуски превози на некоја репрезентација, за некои компјутери што некој ги дал некому. Штом се увиде дека функционираме беспрекорно и самостојно, веднаш не нападнаа најразлични извршители за долгови постари и од 20 години.

Се уште не е јасно како стигнал долгот од „Бетон“ на сметка од МКФ за изградбата на охридска арена и за колкава сума се работи.

Исто така на МКФ со извршители и биле наплатени долгови од Младинското кошаркарско првенство кое се одржа во Охрид во 2000 година.

Ohridnews