Деновиве голема прашина се крена околу заминувањето на Врбица Стефанов од позицијата спортски директор на кошаркарската селекција. Куќата на кошарката со официјално соопштени излезе во јавноста и ги обелодени причините за заминувањето на Стефанов.


– Македонската Кошаркарска Федерација и Врбица Стефанов со ова обраќање сакаат да ги разјаснат дилемите кои се појавија кај одредени медиуми и во македонската јавност околу ангажманот на Стефанов во МКФ. По завршувањето на играчката кариера, Врбица Стефанов на многу начини беше инволвиран во активностите на националниот сенорски кошаркарски тим. Тој имаше огромен придонес во историскиот успех на кошаркарската репрезентација на Европското Првенство во Литванија во 2011 година. Во тој период, Стефанов ја извршуваше функцијата спортски директор на репрезентацијата.

Од неодамна, негова лична желба и негово барање беше да биде ослободен од оваа активност, со цел да се посвети на главниот афинитет во развојот на постиграчката кариера, насочување и едукација во тренерската струка. Изборот на Стефанов да се развива во тренерската струка беше поздравен од раководството на МКФ, кое во заеднички договор на големо задоволство ќе му овозможи да работи во националните селекции. Соработката на Врбица Стефанов и Македонската Кошаркарска Федерација била и ќе биде на највисоко можно ниво и тој останува дел од Федерацијата.

МКФ и Врбица Стефанов ги молат сите фактори, како и претставниците на медиумите, кои на каков било начин ја опкружуваат македонската кошарка, да овозможат мир на нашата национална селекција. Во духот на добрата волја, во овој исклучително значаен и чувствителен период за националниот тим, заедно да придонесеме за што поуспешен настап на претстојното ЕП во Словенија – стои во сопштението од МКФ.

Ohridnews