Извонредна атмосфера, преку 3000 гледачи, одличен ракомет и мало разочарување заради пропуштената победа во последните секунди од мечот. Вака може да се сублимира впечатокот од ракометниот квалификациски натпревар меѓу Македонија и Србија.

Салата „Билјанини извори“ беше комплетно „распродадена“ за овој меч, имаше навивачи не само од Охрид, но и од Битола, Велес, Скопје – цела Македонија. Се навиваше гласно и моќно, без паузи, се виде дека на нашите луѓе им требаат вакви настани.


Огромни турканици пред почетокот


И старо и младо – на ракомет

Организацијата потфрли во неколку сегменти. Најпрвин, пред почетокот на натпреварот многу луѓе (и со платени билети) останаа пред вратите од салата. Подоцна скоро без контрола беше пуштена голема група навивачи и салата се преполни. За среќа немаше инциденти. Класика – на полувреме (а и во тек на мечот) несовесни пушеа во салата.


Жестока борба до крај

Самиот натпревар беше жесток, нашите имаа голема желба за победа, а Србите не покажаа некој особен квалитет. Нив ги бодреше група од околу 50 навивачи, претежно нишлии. Иако имаше вербални препукувања со македонските навивачи, на крај заеднички запеаја „Македонско девојче“.


Навивач од Србија


Маркоски (МАК) постигнува гол од пенал

На полувремето, блиску до соблекувалните го среќаваме легендарниот Пепи Манасков. Иако Македонија беше во негатива по првиот дел, Манасков искусно процени дека ќе биде неизвесно до последните моменти. Така и беше.

После натпреварот точно можеше да се прочита од лицата на навивачите разочараност за неостварената победа која на македонските ракометари им беше в раце, но на неколку секунди пред крајот најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров, промаши шут од 9 метри.

Повеќе фотографии

С. Костоски