Долгот на јавното претпријатие кон ЕВН за потрошена електрична енергија за колекторот достигна 80 милиони денари, а наплатата на сметките за потрошена вода од граѓаните и фирмите кои на јавното претпријатие му должат над 6 милиони евра е под 30 %. Доколку во најкус рок таквите состојби не се променат можен е колапс на водоснабдителниот систем во Охрид и Струга, предупредуваат од јавното п-тие кое започна акција за исклучување на неплаќачите.
Вршителот на должност директор на МЈП Проаква Бранислав Трпчески истакна дека во акцијата за исклучување нема да биде прескокнат никој. Тој информираше дека меѓу неплаќачите има и фирми, хотели, министерства, но не ги соопшти имињата на најголемите должници.“Ако сакаме Проаква да функционира треба да се подмируваат долговите кон јавното претпријатие“, рече Трпчески.
Проаква има загуба во вода од 60-70% и работи со потенцијал од 30%, од што пак 50-60 % се наплатливи, тогаш произлегува дека Проаква живее со само 10% од приходите, предупредува Трпчески, според кого и многу посилни фирми од меѓуопштинското јавно претпријатие не можат да си дозволат ваква нерентабилност.