Претседателот на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на С.Македонија и директор на „Костал“, Виктор Мизо и оваа година беше говорник на Годишната конференција на автомобилскиот кластер на Србија каде ги презентираше најновите предизвици и трендови со кои се соочува автомобилската индустрија во нашата земја.

Мизо  посочи дека над 50% од вкупниот извоз од земјата е од странските производствени компании од кои најголем дел се од автомобилската индустрија.

Влезот и растот на автомобилската индустрија во С. Македонија уште пред 15 години го означува еден од најголемите структурни пресврти во националната индустрија и економија. Сето ова  резултираше големи мултинационални играчи од Германија, САД, Канада, Обединето Кралство, Кина, Белгија, Тајван да ја изберат токму Македонија како важна инвестициска дестинација за нивното европско проширување. Затоа, денеска во време на глобална економска криза каде што закрепнувањето ќе потрае подолго од првичните прогнози, предизвиците со кои се соочува автомобилската индустрија може да доведат до неповолни придвижувања на националната економија и стандардот во пошироки размери, рече Мизо.

Осврнувајќи се на чекори за подобрување на состојбата во индустријата, Мизо потенцираше дека покрај веќе споменатиот недостиг на образован кадар и (не)конкурентноста на регионалните компании, сериозна пречка за бизнисот е и немањето соодветна законска рамка и регулатива во земјите од регионот, кои би ги следеле движењата и потребите на странските инвеститорите.

Државата треба и може да обезбеди поддршка за странските инвеститори. Оваа поддршка најдобро ја дава квалитетниот образовен систем и усогласувањето на царинските стапки. Образовниот систем треба да се фокусира на Industry 4.0 и 5.0, како и на електроника и мехатроника. Ако Владата не инвестира во развој, лаборатории, истражување и технологија, компаниите не можат сами да го направат тоа. Од друга страна, царинските стапки и тарифи не се само начин да се дојде до пари за државата, туку во исто време претставуваат и сериозна бариера за бизнисот и инвестициите, додаде Мизо.

Автомобилската индустрија е многу значајна индустрија за македонската економија како во поглед на извозот така во поглед на работните места кој ги обезбедува. Минатата година извозот преку компаниите од автомобилската индустрија достигна околу 3.95 милијарди евра, а бројот на работни места 32 000.

Решението за идниот раст на автомобилската индустрија во земјите од регионот всушност лежи во производите со додадена вредност, посилна конкурентност и усвојување на најновите глобални стандарди како сметководствени и финансиски, така и примена на нови технолошки процеси, вели Мизо.

За време на конференцијата се разговарало и за потребата од добавувачи во регионот, за неопходната помош во развојот на автомобилската индустрија, а беше одржано и Собрание на автомобилскиот кластер на Србија. Автомобилскиот кластер на Србија континуирано работи на сопствената репрезентативност, раст и сериозност на активностите, а настаните како одржаната конференција служат како платформа за средба, проценка на состојбите и обединување на барањата на компаниите.

Покрај, Мизо на конференцијата се обратија и Владимир Томиќ, претставник на Агенцијата за развој на Србија и Армин Хоџиќ, директор на енергетскиот сектор на Стопанската комора на ФБиХ и шеф на Групацијата за автомобилска индустрија на БиХ.

OhridNews