И покрај најавената инвестиција пред околу две години за производство на електричните возила e-go во Македонија, за која беа одобрени милионски субвенции, но никогаш не се оствари, претседателот на Советот на странски инвеститори Виктор Мизо, во поткастот „Каде се парите“ со Горан Теменугов, вели дека во нашата држава тешко, па дури и невозможно е да се произведуваат автомобили. Објаснува кои се причните, но и можностите кои ги имаме, потенцирајќи ја традицијата, како и потребниот кадар, како битни фактори за тоа.
Тоа што мене ми падна во очи не се сеќавам дека некој од компанијата Е.ГО официјално дојде да го објасни целиот тој процес, на кој начин ќе се произведува школката на возилото, дали таа ќе биде метална, од карбонски влакна или некој друг вид на композити. Од каде ќе доаѓаат батериите, електромоторите, што точно и на кој начин ќе се составува овде и каде ќе се произведуваат возилата. За тоа треба да има поврзаност со железница. Начинот на кој возилата од фабриката се пренесуваат е со железница. Дали до пристаниште па потоа со бродски транспорт или со железница директно до некои централни транспортни хабови од каде со друг транспорт ќе се пренесат до крајните потрошувачи, сметам дека тоа е неопходно. Во нашиов случај беше избрана зоната во Тетово, но таа директно нема пристап до железница.
Потенцира дека мора да има внатре во самата фабрика, во рамки на тој индустриски комплекс начин возилата кога ќе бидат тестирани, склопени… многу блиску, да можат дирекно да се товарат на транспортни железнички вагони.
Дополнително нешто што мене ми претставуваше сомнеж од моментот кога беше најавена таа инвестиција во август 2022 година, поминаа речиси 18 месеци каде што ако некоја инвестиција е најавена кога ќе знаете колкав капитал вложувате, сакате и брзо да се реализира. Дополнително возилото кое беше иницијално претставено, не го видов лично, но имам видено модели на електричните возила e-go на интернет, гледаме дека кинеските возила се доста достапни, не само во Кина, туку и во Европа по цена од 10-12 илјади долари. Така да брзината на одобрување на сите оние перформанси и намалување на цената на електричните возила посебно за такви мини возила, е толку брза во Кина што е тешко да може некој да ве увери, не дали е тоа e-go, туку било кој друг европски производител на возила, дали може во тој сегмент да се биде конкурентен на Азија.
Мизо одговара и на тоа што Европа се колеба околу идејата околу применета на електрични автомобили, но и за тоа зошто кога е во прашање развојот на автомобилската индустрија, не се осмелува ниту еден производител да донесе барем некој мал производ што може да го склопи во нашата држава.
Во Европа има поголем капацитет за производство отколку што е побарувачката во моментов. Дополнително при производство на возила секогаш треба да се земе предвид индустриската традиција на државата. Ако гледаме на просторите на поранешна Југославија, таква индустрија имавме во Војводина, Сараево, Словенија. Фиат ја презеде фабриката на Застава. Производстсвото во Босна не постои, а се уште во Словенија опстана производството на Рено. И Фиат 500 Л кој се произведуваше во Србија не се произведува бидејќи планира Фиат нов модел да се произведува. Индустриската традиција кај нас за производство на вакви возила не постои. Дополнително за производство на возила за некоја нормална фабрика за производстсво на 200 илјади возила на годишно ниво, многу поразлично од она што се кажа за Е.ГО, едноставно потребни се не помалку од 300 хектари со целосна инфраструктура. Таква фабрика побарува сигурно и 10 илјади вработени и голем број добавувачи. Таква локација е многу тешко да се најде во Македонија, а прашање е и дали ние може да канализираме постоечки компании од автомобилската индустрија. Потребен е кадар обучен од оваа индустрија и прашање е дали тој ќе мигрира кон оваа фабрика. Со популација како нашата и можностите кои ние би ги понудиле за производство на возила, според сите темелни анализи, е многу тешко, па дури и е во рамки на невозможното, потенцира Мизо.
Повеќе околу овие теми, но и што бараат странските фирми од македонската власти и кои се трендовите во автомобилската индустрија во погледнете во поткастот „Каде се парите“?
OhridNews