Недостигот од работна сила и продуктивност, потенцијално може да се наметне како сериозна причина што би влијаела на одлуките на идни странски инвеститори во Македонија, укажува во интервју за Фокус генералниот директор на Костал Македонија Виктор Мизо.
Проблемот со недостигот од работна сила продолжува и претставува сериозен ризик за преместување на некои од постојните производствени капацитети, особено трудоинтензивните активности, во некои од земјите од Северна Африка (Мароко, Тунис, а понекогаш и Египет), кои во меѓувреме станаа локации/магнети за странски инвеститори, посочува Мизо.
Прашан што би ја советувал новата влада на тема странски инвестиции, Мизо вели дека е добро да постои редовна комуникација со странски инвеститори.
Ваквиот пристап, заедно со јасна стратегија заснована на анализа на можностите на нашата економија (региони, работна сила, вештини, капацитети итн.), приоритетните сектори и претходно стекнатото искуство и знаење може сериозно да придонесе за привлекување свеж капитал, смета Мизо.
Зборувајќи за идните планови на Костал Македонија, Мизо рече дека компанијата почнува неколку големи проекти – енергетска електроника за плаг ин хибридни возила од групацијата VW кои веќе почнаа да се произведуваат во Охрид исклучиво за светскиот пазар, како и комплексен мехатронички систем за Мерцедес.
Овие проекти ќе придонесат за извоз од над 230 милиони евра во следната година или раст од над 60 проценти во однос на 2024 година. Потребна е дополнителна оптимизација и подобрување на ефикасноста на патот за одржување и зголемување на конкурентноста при добивање нови номинации и проекти, кои се планирани за периодот пред нас. Aкo сѐ оди според планираното (иако многу сегменти од нашата индустрија се под надворешно влијание како што е наведено погоре), очекуваме од „Костал Македонија“ да пласира производи во вредност од над 400 милиони евра годишно пред крајот на деценијата, истакна Мизо.
Целото интервју може да го прочитат тука.
Г.М.
Извор: Фокус