Со средно стручно образование од техничките области се стигнува и до високи менаџерски позиции, тоа се случува и во Германија кај кадри кои немаат завршено технички факултети, истакна генералниот менаџер на „Костал Македонија“, Виктор Мизо, во синоќешната дебата со министерката за образование Мила Царовска на „360 степени“ на тема за предностите на стручното образование.
Ова е нормална пракса посебно во Германија и во сите германски компании. Таму, во најголем број и од инженерите почнале со средно стручно образование и некои од нив стигнуваат и на високи менаџерски позиции дури и да немаат завршено технички факултети. – вели Мизо.
Тој појаснува дека практичното знаење што на средношколците сега им се нуди преку соработките на Министерството за образование, односно со средните стручни училишта и компаниите во земјава, се шанса за младите да изберат професија со која ќе може достоинствено да живеат и да напредуваат во кариерата.
Некој што се образувал во овие средни стручни училишта и потоа стекнал искуство и знаење како механичар, мехатроничар, експерт на ЦНЦ-машини, може да стигне до висока позиција без факултет, бидејќи тој веќе има длабинско практично знаење. -додава Мизо.
Средното стручно образование може на компаниите да им помогне полесно да дојдат до потребниот кадар, но и младите полесно да дојдат до вработување, беше истакнато на дебатата.
Средното стручно образование е добра подлога и за оние кои сакаат да се вработат по завршувањето на средно, но и за оние кои сакаат да продолжат на студии и да се усовршуваат во избраната област. Во Костал на пракса се дваесетина средношколци. Тоа се кадри кои се потребни на компанијата и со тоа се дава можност тие да добијат вработување веднаш по завршувањето на средното училиште, додаде Генералниот менаџер на „Костал Македонија“.
Што е до мене јас би ги задржал и вработил сите, освен оние кои планираат да продолжат на студии на некој од техничките факултети кои се потребни на индустријата во земјава. Дури размислуваме и за некаква стипендија за нив во тој процес. – истакна Мизо.
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, дополни дека средното стручно образование не ја скратува можноста доколку учениците сакаат да продолжат на факултет, туку напротив им дава подобра стартна позиција во студирањето.
Министерството за образование го приспособува средното стручно образование на потребите на компаниите од реалниот сектор и сега бројот на дуални паралелки, во кои особено внимание ѝ се придава на практичната настава, е зголемен од 11 на 97. Предизвикот останува во убедувањето на оние што завршуваат основно дека запишувањето во средно стручно е инвестиција во поизвесна иднина, со вработување и пристојна плата за достоинствен живо, беше истакнато на дебатата на „360 степени“.
OhridNews