Една милијарда евра директни странски инвестиции до крајот на изминатата година се остварливи, смета првиот човек на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо. Во интервју за МИА, тој вели дека е потребно да се стремиме кон поголем квалитет кај идните инвеститори, за што државата треба да инвестира во соодветно образование и постојано да ја унапредува бизнис и инвестициската клима.
Неопходно, според него, е да се направи длабинска анализа во што точно ќе биде инвестирана оваа сума, во кои сектори и за каков вид проекти и колкава вредност додаваат истите. Добар дел од приливот на директните странски инвестиции, како што посочува, се должи на веќе присутните инвеститори во земјата, кои по политичката стабилизација гледаат дополнителна можност за зголемување на својот капитал во земјава.
Сметам дека е побитно, наместо најавите за инвестиции, од кои многу во минатото не ни започнаа, да се гледа повеќе на износот на вистински, реализирани инвестиции. Она кон што треба да се стремиме е зголемен квалитет на идните инвестиции, нивниот степен на технолошки развој и целокупното знаење кое го носат тука. За да бидеме подготвени да привлечеме вакви квалитетни инвестиции, треба државата да инвестира во соодветно и неопходно напредно образование, постојано да ја унапредува бизнис и инвестициската клима, и тоа од сите аспекти, како би била атрактивна за нови инвеститори, но и за проширување на активностите на постојните инвеститори во државата, вели Мизо.
За привлекување инвестиции на краток и среден рок, според Мизо, потребна е сеопфатна стратегија и екипирање на тимот со соодветен професионален кадар, вклучувајки и луѓе со практично искуство од таргетираните сектори, по примерот на успешните земји од регионот и пошироко.
Креирање робусен и обединет систем на грижа за опслужување на постоечките инвеститори за брзо и ефикасно адресирање на предизвиците со кои тие се соочуват, како и детална информираност за нивните планови, проблеми и можности ќе доведе до дополнителни опции за реинвестирање од нивна страна, додава претседателот на Советот на странски инвеститори.
Глобалниот минимален данок од 15 отсто претставува можност за државата да оствари бенефит за буџетот, но и со брзи и ефикасни мерки да добие на конкурентност како за присутните инвеститори, така и за идните, кои би ги привлекле. Тој носи и предизвици за дел од мултинационалните компании кои се присутни тука, но Мизо не гледа ризик за одлив на инвестициите поради ова.
Не гледам ризик за одлив на инвестициите од земјава, но сепак институциите и органите кои работат во делот на промоција, привлекување и грижа за странските инвеститори треба да имаат активна улога во разјаснување на регулативата, како и вистиниски да ги разберат и промовираат потребите и интересите на овие компании, бидејќи тоа е всушност сржта на нивното постоење и работа, истакнува Мизо за МИА.
Посочува дека на последниот состанок на Советот на странски инвеститори со економскиот тим на Владата добиле уверување дека наскоро ќе биде предложено сеопфатно законско решение, а подзаконските акти дополнително ќе следат.
OhridNews
извор. МИА