Електронски компоненти нема или треба да користиме авионски летови за да ни ги добавуваат на неделно или 10-дневно ниво, поради што големите светски производители се соочуваат со големи проблеми, како „Пежо“, од каде кажаа дека во нивното возило, електронската шалт табла ќе биде заменета со аналогно покажување на брзината. Ова во емисијата „Утрински брифинг“ го истакна генералниот менаџер на „Костал“, Виктор Мизо, објаснувајќи го проблемот со кој во моментов се соочува автомобилската индустрија во земјата и светот воопшто, што сериозно може да вијае на нејзиното работење и остварување на зацртаните цели.
Појаснувајќи го проблемот, Мизо посочи дека проблемите со пандемијата во нашата индустрија, посебно на компаниите кои произведуваат електроника во Европа, започнаа во почетокот на јануари 2020, кога целиот ланец на добавувачи во Кина целосно запре.
Ефектот почна да се чувстува уште тогаш. Средината на март минатата година голем број земји целосно ги затворија своите економии и веќе тука имаше драстичен пад на нивото на производство. – рече Мизо.
Во четвртиот квартал од минатата година кога се почувствува заздравување на глобалната економија, автомобилската индустрија се соочи со проблем со електронските компоненти, кој се уште е присутен, вели Мизо.
Зошто овие компонети се толку важни. Секое модерно возило има минимум 100 микропороцесори кои прават ненакви аналитички операции. Во средината на минатата година производителите на возила видоа колку брзо таа индустрија падна и малтене целосно ги откажаа своите нарачки од производителите на микропроцесори, а истовремено на пазарот почнаа да доминираат телевизорите, телефоните, видео игрите, лаптоп компјутерите, бидејќи луѓето седеа дома. Целиот удел на оваа индустрија е поголем од автомобилската индустрија, но не само тоа, авто-индустријата има и многу мали маргини, што значи дека не е доволно профитабилно за тие произведувачи на чипови да им продаваат на производителите на возила. Има еден момент каде што тие не може да ги испорачаат потребите за автомобилската индустријата и ние се соочуваме со немање на компоненти. Без оглед дали компаниите се јапонски, американски, германски…– истакна Мизо.
Проблемот со набавка на делови за електронските компоненти, предизвикува сериозни потешкотии во организацијата на работниот процес, предочува Мизо.
Во среда ќе ни се јави компанија добавувач и ќе ни каже ние од петок па во следните три до пет дена нема да произведуваме и ние треба да видиме што ќе правиме со тие луѓе кои работат на тие производни линии, бидејќи кај нас нема опција луѓето да се прешалтуваат од еден во друг процес, постојат можности, но не секогаш. Ние треба да најдеме некој правилен баланс не знаејќи колку долго ќе биде пролонгирана набавката на потребните компоненти. Ова се случува со многу компании, не само кај нас. Во Македонија, во првите четири месеци од годината, компаниите од автомобилската индустрија имаат пад на производството од 10 – 15 проценти од планираното. За илустрација Форд во истиот период бележи пад на производството од 17 отсто. – истакна првиот човек на Костал Македонија Виктор Мизо.
Доколку овој неповолен тренд продолжи, динамиката на нови вработувања може да забави, вели Мизо.
Доколку ваквата состојба продолжи или се влоши, тогаш можеби ќе треба работната сила да замине на принуден одмор, да го искористи одморот не баш кога тие би сакале во август, туку тоа да се направи можеби во периодот кога не постои производство на некоја од тие линии. Очекувањата се дека проблемот со микропроцесорите и пластиката за лиење на пластичните компоненти, кој исто така постои, може да се пролонгира минимум до средината на идната година, можеби не со истиот интензитет, но тоа ќе значи дека процесот на нови вработувања ќе треба да забави. Во сите фабрики секој месец има флуктуација на работна сила, која е помала од 1 процент, луѓето си одат од разни причини, тоа значи дека ние нема толку брзо да ги пополнуваме тие испразнети работни места и нема толку брзо да вработуваме нови луѓе колку што се планира. – рече генералниот менаџер на Костал.
Мизо вели дека е неизвесно кога извозно ориентираните компании во земјата ќе се вратат на нивото од 2019 година, односно пред ковид кризата, посочувајќи дека прогнозите се оти европската индустрија тоа ниво се очекува да го достигне најрано во 2024 година.
Целиот разговор погледнете го на следниот линк.
OhridNews
извор: Утрински брифинг