Ќе бидат потребни најмалку 2 до 3 години по кризата предизвикана од КОВИД 19, за индустријата да се врати на состојбата од минатата година. Според анализите за враќање на нивото од 2017, кога беше достигнат врвот на автомобилската индустрија, треба да се почека до втората половина од декадата, не пред 2026 година, вели Виктор Мизо, генералниот директор на Костал Македонија и претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство.
Во интервју за Извоз.мк, Мизо потенцира дека извозот на автомобилски компоненти е драстично намален, па соодветно на тоа, државата треба стратешки да размислува за пост- кризните сценарија.
- Автомобилската индустрија ќе биде најпогодена од последиците на пандемијата, веднаш по транспортот и туризмот. Значи нема да е воопшто сјајна иднината и за компаниите со напредно производство во Македонија. Бројките за падот на македонскиот извоз на автомобилски компоненти за месец Април драстично ќе биде намален, но поважно е да се прогнозира дека за цела година падот би бил некаде околу 25% под планираното, вели генералниот директор на Костал Македонија.
Државите, потенцира Мизо, се најповиканите чинители во овие критични времиња. Пред се, мора да се земе во предвид дека сите компании и сите сектори не се исто погодени, и треба различно да се третирани од гледна точка на поддршка и значење за економијата и идниот развој на државата. Затоа, додава Мизо, од страна на големите компании – извозници беше предложен соодветен пакет за дополнителна помош специфичен за нив, како што е случајот и во некои наши соседни земји.
Мизо потенцира дека во повеќето компании по затворање од 3 до 4 недели, погоните се повторно отворени како резултат на обновување на нарачките. Но, тоа е само мал дел од вкупните нарачки. Споредено со состојбата од пред 2 до 3 месеци, пред кризата, тоа значи дека во функција се најмногу една третина од вкупните капацитети на погоните. Се очекува дека на тоа ниво ќе работат во текот на целиот месец.
- Овој период во Костал Македонија го користиме за подготовка за претстојните проекти кои доаѓаат во Охрид со очекување за постепен раст на нарачките почнувајќи од следниот месец. Истовремено вработените поминаа дополнителни обуки и тренинзи за подобрување на нивните вештини и знаења поврзани со технолошко напредните процеси и новите производствени линии, вели Мизо.
OhridNews
извор:Извоз.мк