Автомобилската индустрија ќе ја преброди кризата, а намалување на профитите е реално да се очекува. Тоа што се случува во Германија ги афектира компаниите не само кај нас, туку и на глобално ниво, истакна претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо.
Следната година Европа ќе мора да ја врати конкурентноста на производителите на автомобили поради притисокот од Кина од аспект на трошоците, повисоката технологија и пониските цени на возилата, но и развојот на возила во Европа ќе треба да биде направен на побрз и подинамичен начин. Ќе има и рационализација на трошоците секаде низ Европа. Тоа е факт, но автомобилската индустрија е во криза секоја година или година и пол, сме биле во криза и порано, ќе ја пребродиме и оваа, вели Мизо.
Во однос на тоа дали фирмите во нашата држава кои се занимаваат со производство на автомобилски делови ќе продолжат да функционираат, напомена дека ќе продолжат да работат колку што е потребата на клиентите.
Тоа зависи од пазарот во Европа, но и од моделот за кој се изработуваат компоненти во различните локации во Македонија. Не можам да дадам еден одговор за сите. Но, може да има на некои места намалување на обемот на работа, што не значи дека би имало отпуштања. Понекогаш има природна флуктуација на вработени, можеби веднаш нема да се пополнуваат тие работни места до моментот додека бизнисот во Европа се врати на очекуваните нивоа, посочи Мизо.
Н.С.Ј.