Потемнети ѕидови од влага внатре, вода низ ходниците надвор. Петте станари во зградата на Здружението на пензионери во Охрид, во главно повозрасни изнемоштени лица, при секој дожд се соочуваат со големи проблеми.

А заврне, треба едноставно со чадори да седиме. Во ходникот не можеме да излеземе од дожд. Станот кај мене се реновира втор пат, но повторно ѕидот е цел поплавен, во другата соба секој ден крпи менувам. – раскажува за маките една од станарките во пензионерскиот дом во Охрид, чиј стан неодамна беше реновиран од група младинци од Црвен крст Охрид преку програмата „Црвен крст во акција – промоција на хумани вредности“.

Нашата соговорничка изрази благодарност до Црвениот крст,  но проблемот со влагата и натаму е присутен во зградата, бидејќи таа не се одржува.

Здружението на пензионери ни ја зголеми киријата, но не презема никаква обврска околу одржувањето. Дури не обврзуваат да ги одржуваме и заедничките простории, а ние сме полуподвижни. Десет години седам тука никаква поправка не е напревана, клинец не е закован, а киријата ја зголемија за околу двесте денари, некој ќе рече не е многу, но за нашите пензии и тоа е многу. – додава соговорничката.

За проблемите со условите за живот во становите во зградата на охридското здружение на пензионери, станарите се жалеле и до Скопје, но освен ветувања не добиле ништо. Не им преостанува ништо освен да се надеваат на помош од добрите луѓе, како младите волонтери на Црвениот крст.

OhridNews