Во рамки на фестивалот „Охридско лето“, вечерва во центарот за култура „Григор Прличев“, Театар Комедија од Скопје, премиерно ќе ја изведе претставата „Мизантроп“ од Молиер, во режија на Ана Вукотиќ од Црна Гора.
Текстот за оваа сериозна комедија е напишан во 17 век, но е актуелен и денес, а така е и поставена претставата, вели режисерката Вукотиќ.
– Oва е еден современ Молиер, создаден и инспириран во контекст на современиот човек, една приказна која ја докажува безвременоста на овој писател. – истакна Вукотиќ.
Во претставата „Мизантроп“, која е интернационален проект на Театар Комедија, играат Атанас Атанасовски, Александар Михајловски, Столе Мицов, Мирјана П. Ристов, Жаклина Петровска – Милјановска, Магдалена Ризова – Черних и други. Кореографијата е на Соња Вукичевиќ, сценограф е Јелена Томашевиќ, а костимограф Лина Лековиќ.
„Мизантроп“ е прва театарска премиера на годинешното Охридско лето, а интенција на фестивалот е во иднина премиерите да биде задолжителен дел од репертоарот, најави драмскиот селектор Александар Поповски.
Премиерата на „Мизантроп“ почнува во 21 часот.
OhridNews