Поради неплатени долгови на Министерството за култура, Дебарско кичевската епархија повеќе нема да ја изнајмува катедралната црква Св. Софија за потребите на фестивалот Охридско лето. Ова денеска за „Оhridnews“ го изјави митрополитот Дебарско – кичевски Тимотеј.

-Долговите кон епархијата за изнајмување на црквата не се подмирени и приморани бевме на ваков потег. Се додека не се плати долгот нема да дозволиме во Св. Софија да се одржуваат концерти или други настани, рече владиката Тимотеј.


Дека црквата е сериозна во намерите покажа синоќешниот концерт на квартетот „Сиринкс“, кој наместо во катедралата, како што официјално стои во програмата, се одржа во предворјето на Св. Софија. За промената на локацијата уметниците биле известени некoлку часа пред концертот.


Од управата на фестивалот велат дека синоќешниот концерт се одржал на отворено, за да се задоволи големиот интерес на публиката, бидејќи предворјето на Света Софија има поголем капацитет. Оттаму ни изјавија дека промената на локацијата била направена во разговор со уметниците. Од дирекцијата не соопштуваат дали има некаков проблем со изнајмувањето на катедралната црква и посочуваат дека тоа е во надлежност на министерството за култура од каде сеуште не излегле со официјален став.

Ohridnews