Дијабетесот не е само мал здравствен проблем – тоа е сериозна, долгорочна состојба која погодува милиони луѓе ширум светот. Ако не се контролира, може да доведе до тешки компликации, вклучувајќи срцеви заболувања, откажување на бубрезите, слепило, па дури и ампутации поради слаба циркулација, посочи д-р Арсо Митрески, специјалист – хирург на денешното предавање на тема „Дијабетично стапало, дијагноза и превенција“ кое се одржа во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во организација на Здружението на лица со дијабет „Охрид“.

Една од најголемите опасности од дијабетес е тоа што тој често се развива тивко. Многу луѓе не сфаќаат дека го имаат додека не се случи сериозна штета. Високото ниво на шеќер во крвта со текот на времето може да им наштети на виталните органи, зголемувајќи го ризикот од мозочни удари и оштетување на нервите, посочува Митрески.

Сепак, вели добрата вест е дека дијабетесот може да се контролира со промени во животниот стил, лекови и редовни прегледи.

Здравата исхрана, вежбањето и соодветните лекови можат да помогнат во контролата на нивото на шеќер во крвта и да се спречат компликации. Раното откривање е клучно, така што редовниот скрининг е од суштинско значење, особено за оние со семејна историја на дијабетес, додава Митрески.

Денешната трибина која се одржа во Библиотеката е резултат на потпишаниот Меморандум за соработка на Установата со организаторот Здружението на лица со дијабет „Охрид“.

Директорката на Библиотеката Христина Трпеска посочи дека со Меморандумот ќе бидат опфатени низа активности кои се од интерес и корист за двете страни.

Светска, а и наша интенција последниве години е Библиотеката да стане дневна соба за нашите сограѓани, се разбира толку колкави што се нашите моментални можности. Таа е и уште повеќе ќе треба да биде отворена кон сите генерации и возрасти. Со понудените содржини сами и еве сега на пример со Здружението на лица со дијабет во пракса го покажуваме тоа, додаде Трпеска.

Инаку, дијабетското стапало е збир на промени во меките ткива и коските на стапалата на луѓето кои боледуваат од дијабетес. За да настане дијабетично стапало како причина од постоечкиот диајабет претходно  се случуваат промени на долните екстремитети кои опфаќаат невропатија- оштетување на периферните нерви на долните ехтремитети, исхемија- слаба циркулација во артериите на долните екстремитети и инфекција- контаминација на спомнатите промени со патогени причинители и тоа бактерии, габи и други микроорганизми.

OhridNews