Додека ја лажеа јавноста за се и сешто, додека ги склучуваа штетните договори и додека ни правеа политички хајки и прогони, ние тоа време го искористивме за да ја зацврстиме партијата, да ја реорганизираме и кадровски да ја зацврстиме, истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашните митинзи во Струга и Вевчани.

-Видовме дека од оваа Влада народот аир нема да види и затоа седнавме и четири месеци работевме за проекти за наредната декада, сработивме нова визија која што се вика „Нова Ера“, оваа ера ќе биде за нови победи, успеси, ново утро, нови работни места. Овој документ предвидува отворање на нови 150 илјади работни места во Македонија и ако во минатото отворивме нови 173 илјади работни места, бидете сигурни дека во наредните години ќе вработиме нови 150 илјади работни места. Невработеноста според новата визија планот е да падне под 10 проценти на невработеност, а истата оваа земја ја наследивме со 40 проценти на невработеност, а ја оставивме со околу 22 проценти, а со новата ера ќе ја симнеме невработеноста на 10 проценти. За таа цел предвидуваме просечен раст на економијата од 4 или повеќе проценти и со тоа ќе се обезбедат нови работни места, потенцираше Груевски.

Тој истакна дека во наредната декада барем еден универзитет од македонските ќе влезе во првите 200 на Шангајската листа која што е најреферентна листа во светот.

Според Груевски актуелната влада оди директно против волјата на граѓаните, но на 15 октомври овој народ ќе им покаже дека оваа држава е држава на народот.

-15 октомври ќе биде денот кога овој народ ќе го каже своето мислење и за договорот со Бугарија и за носењето мигранти и за незаконското работење и за насилничкото вршење притисок врз медиумите, врз судовите, администрацијата и врз странските инвеститори кои што отвораат нови работни места, но и против хајките и прогоните врз политичките опоненти. Тука спаѓаат и некомпетентните луѓе и кадри кои што ги поставија на значајни позиции, а 15 октомври ќе биде одговор на народот за ова што се случува овие четири месеци и за ова помрачување. –  рече Груевски.

На денешниот центарален митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Струга пред граѓаните се обрати и кандидатот за градоначалник на оваа општина, Сеад Солакоски, кој е уверен во голема победа.

-Како ваш градоначалник, чесно, одговорно и посветено ќе работам на исполнувањето на вашите потреби. Време за ваш градоначалник, градоначалник кој на никаков начин нема да ги дели граѓаните. Да престанеме да зборуваме за прашања кои не разединуваат, ќе работиме напорно за да ги остраниме работите кои не делат. Имаме заеднчики вредности кои не смееме да ги изгубиме, туку треба да ги унапредиме, изјави Солакоски.

Тој повика цврсто да се зачекори во новата ера, дека проблемите се заеднички и решенијата треба заеднички да се бараат.

-Ветувам дека ќе бидам градоначалник кој ќе им служи на граѓаните, одговорно ќе ја води локалната самоуправа, ќе им служам на граѓаните како нивен сервис. За разлика од досега, ќе покажеме дека градоначалникот треба да се занимава со прашања кои се од негова надлежност, заради кои е избран, изјави Солакоски. Кажа дека општината е заглавена во долгови поради недомаќинското работење на претходниците, но дека ја прифаќа оваа тешка задача да ја среди состојбата во Струга и да ја носи Струга напред. Тој вети дека ќе се заложи за рамномерен развој на сите делови од општината. 

-Нашите најголеми приоритети се подобрување во образование и социјалната заштита, доколку ја добијам вашата поддршка, бидете уверени ќе изнајдам решенија за да се подобрат условите во училиштата, да станат минато проблемите со греењето во училиштата, рече Солакоски.

На првиот митинг денеска на ВМРО-ДПМНЕ во Вевчани пред граѓаните се обрати и градоначалник и кандидат за иден градоначалник на општината, Цветомир Угриновски. Тој кажа дека е горд денеска меѓу граѓаните на Вевчани е човекот кој како што кажа Угриновски дал голема поддршка за многу проекти во општината, претседателот на партијата Никола Груевски. Тој кажа дека имало четири години напорна работа, посветеност, реализација на многу проекти, четири години напор, но и задоволство, четири години потрошена енергија, но и години потрошени за Вевчани.

-Наследството на сите градители на Вевчани е огромно, товарот да се оправда довербата на сите знајни и незнајни вевчанци е одговорност која постојано бдее над сите нас и не опоменува дека мора да работиме напорно, чесно и еснафски. Изборите ќе поминат, се ќе помине, но ќе остане споменот за моите, но и за нивните дела. Народот и Бог, како и за се во живтот ќе суди и пресуди, изјави Угриновски. 

Тој порача дека Вевчани нема да биде место во кое најлошите особини на се во Македонија се собираат. Тој кажа дека Вевчани за Македонија, е она што Спарта била за Грција. Напомена дека и во иднина цврсто и силно ќе се бори за Вевчани, бидејќи ја има поддршката од народот.

OhridNews