ВМРО ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ традиционално од Охрид ја започнаа кампањата за локалните избори што ќе се одржат на 15-ти октомври. На митингот што се одржа вечерва на плоштадот „Св. Климент Охридски“ под мотото „Секогаш работа, секогаш Македонија“, беа претставени кандидатите за советници и кандидатот за градоначалник на општина Охрид д-р Митко Тилевски.
Во своето обраќање лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски најави нова ера за Охрид и Македонија. Тој му се заблагодари на актуелниот градоначалник Никола Бакрачески за реализираните проекти во изминатите четири години и ги повика охриѓани да ја дадат поддршката за нивниот кандидат за градоначалник
-Сакам јавно да му се заблагодарам и да му честитам на Никола Бакрачески за досегашните резултати и успеси. Тој навремено не извести дека од длабоко приватни и семејни причини овој пат не треба да влезе во разгледување за повторен кандидат за градоначалник, но чесно до крај го вложи својот дел за овој прекрасен град и луѓе. По долги анализи да се избере најдобриот предлог, за наредните 4 години напредок, ВМРО-ДПМНЕ за градски татко на Охрид го повика и застанува зад доктор Митко Тилевски, Ваш многу угледен и почитуван сограѓанин, познат лекар, педијатар, пред долго години и народен пратеник, чесен и работлив човек, борец за се што ќе се зафати свесен за проблемите на Охрид, за предизвиците кои доаѓаат но и полн со енергија, жар, големо животно и работно искуство, идеи, со добра воља и чиста мисла, и подготвеност неуморно да работи на напредок и успеси на Охрид и охриѓани. – рече Груевски.
Груевски истакна дека новата програма на ВМРО ДПМНЕ за Охрид за наредните 4 години е веќе подготвена, внимателно обмислена и добро пресметана за да е во склад со финасиските можности на општината, и со нејзиното спроведување Охрид ќе доживее едно ново издигнување, и решавање на многу постоечки проблеми. Д-р Тилевски како долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ уште од основањето, знае дека кога ВМРО-ДПМНЕ ветува, тоа мора да се исполни, но и ние го познаваме него дека е многу сериозна личност која кога ќе се нафати за некоја работа го прави тоа со сета своја чест и одговорност, посветеност и неуморно работење, додаде Груевски.
Зборувајќи за политичките противници, лидерот на ВМРО ДПМНЕ рече дека тие се свесни дека ако нешто не излажат или не направат некоја далавера, во Охрид, како и во најголем дел од Македонија ќе загубат на овие избори.
-На 15ти октомври имаме локални избори но истовремено и референдум. Можеби со драконски и незаконски владини забрани ќе се спасат од референдумите за мигранти, но нема да се спасат од референдумот на народот, реферндумот за нова ера и ново утро за Македонија. Кое доаѓа несопирливо. Кое никој неможе да го задржи. Позади кој стои народот. И луѓето кои прават споредба и направија споредба. Охриѓани нема да ја пропуштат шансата да го одберат Др Митко Тилевски за градски татко, а целиот народ има единствена можност на 15 октомври да каже што мисли за она што и се случува на Макеоднија во овие 4 месеци, за хаосот, за безредието, за неспособноста, за лажењето, за неисполнувањето на ветеното, за манипулирањето, за хајките, за злоупотребите од новата власт, за договорот со Бугарија, за неуставните закони со кои се манипулира, за криминалите и тендерите на газдите во владата, за беснеењето, за начинот како наумиле да се реши името, за колапсот на економијата, за начинот како избраа претседател на Собранието на Република Македонија и како избраа Влада, за одењето спротивно на вољата на народот, за потценувањето на нашата, на Вашата интелегенција и интегритет, за новосоздадениот хаос во здравството, безидејноста и незаинтересираноста за решавањето на проблемите, за помрачувањето кое и се случи на Македонија. Ќе се изберат градоначалници ќе се изберат советници но народот ќе го каже своето мислење за сето ова што се случува во Македонија точно на 15 октомври со пенкалото во рака. И во исто време, народот ќе може да се искаже и за новата визија, на енергетизираното, освежено и реорганизирано ВМРО-ДПМНЕ, за новата енергија која доаѓа со нова ера, која носи 150 илјади нови работни места, повисоки плати, пензии, субвенции, поквалитетно образование, здравство, и екологија, посилна демократија, членство во ЕУ и НАТО. Нова ера која носи нови успеси и нови победи, и која може да ја исполни само оној кој вели и живее со тоа: СЕКОГАШ РАБОТА!!!СЕКОГАШ МАКЕДОНИЈА!!! – порача Груевски.
Кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО ДПМНЕ д-р Митко Тилевски, во своето обраќање се заблагодари за дадената доверба најавувајќи дека доколку победи на претстојните локални избори ќе работи чесно и одговорно во интерес на сите граѓани на Охрид. Тој претстави дел од проектите од неговата програма која, како што беше истакнато, нуди нова визија за развој на градот.
– Туризам, туризам, туризам, силна промоција на туристичките капацитети на Охрид со серизна стратегија и пристап. Комплетна реконструкција на булеварот Туристичка, реконструкција на коловозот, атмосферската канализација, водоводната мрежа по потреба, изградба на пешачка и велосипедска патека, хортикултурно уредување. Изградба на кеј, ново лице на градот. Ќе се пристапи кон реконструкција на градскиот кеј кој ќе се претвори во модерно шеталиште. Реконструкција на градските плоштади Св. Климент Охридски и Крушевска Република (Чинар). Двата плоштада ќе добијат нов и модерен лик и изградба на нов плоштад Студенчишта. Изградба на велосипедска патека од Охрид до Св. Стефан, изградба на социјални станови за семејствата со социјален ризик да добијат свој дом, изградба на нова трибина и соблекувална на градскиот стадион Билјанини извори, изградба на повеќенаменски спортски и детски игралишта и балон сала, бесплатна здрава храна за учениците од прво до петто одделение, грижа за стекнување на здрави навики на учениците, субвенционирање на дел од патните трошоци на просветните работници кои патуваат до своето работно место, реконструкција на училиштата и градинките, изградба на спортски сали и стипендирање на талентирани ученици, заштита на културно историското наследство и поддршка на културните манифестации. Инфраструктурните активности, хортикултурното уредување ќе бидат наше секојдневие, ќе водиме грижа за младите… најави д-р Тилевски.
Тој побара поддршка од сите граѓани на Охрид за реализација на изборната програма, посочувајќи дека има тим со кој ќе го реализира ветеното.
–Македонци, Турци, Срби, Египќани, Власи, Роми, Бошњаци, Албанци, Застануваме гордо, со визија и сила. Дали сте подготвени да одиме и чекориме во нови победи? Целата оваа љубов и позитивна енергија што произлегува од вас е доказ за новата победа на овие локални избори. Да продолжиме таму кај што застанавме, со нови идеи, проекти и дела, затоа што Охрид и може и знае уште подобро. Моето срце чука со илјадници срца за подобро утре. Вие ме знаете, ние се познаваме и знаете дека ќе создадеме уште повеќе за нас, за Охрид. Јас еднаш сум положил заклетва дека етички ќе ја извршувам должноста во мојата професија како доктор. Горд сум на тимот што веќе деценија бевме институција за почит и направивме многу позитивни работи за Охрид. – истакна Тилевски.
На митингот се обрати и носителот на кандидатската листа на советници за Охрид и претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ д-р Кирил Пецаков. Охрид секогаш ќе биде лулка на ВМРО-ДПМНЕ, стожерот на Македонија и чувствувам голема одговорност бидејќи со добиената доверба за носител на советничката листа голема е честа да ги реализирам своите идеи за доброто на партијата, за граѓаните на Охрид и на Република Македонија, рече Пецаков.
-За мене е поттик и можност да работиме потпирајќи се на чесноста, довербата и посветеноста. Им благодарам и на сите оние кои што ја препознаа мојата коректност и не штедливост и секако ангажираност во остварување на програмите и целите на ВМРО-ДПМНЕ. За нас најважната работа е дадениот збор, во изминатите четири години беа реализирани голем број на проекти за кои дадовме збор и придонесовме за изградба на Охрид како современа општина. Охриѓани беа сведоци на една нова посветена локална самоуправа која беше вистински сервис во решавањето на проблемите, истакна Пецаков.
Пецаков потенцираше дека граѓаните можат да бидат сигурни дека новите проекти кои што ќе ги понуди ВМРО ДПМНЕ со новата изборна програма ќе се реализираат во периодот од четири години.
На митингот на ВМРО ДПМНЕ во Охрид говореа и членови на коалиционите партии, како и претставници на сестрински партии од Унгарија, а во уметничкиот дел настапија познати музички имиња од земјава.
Г.М.