Изборниот караван на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, вечерва пред охриѓани ги презентираше досега реализираните проекти и заложби, но и идните проекти од програмата за претстојните Локални избори.

Носителот на кандидатската листа за советници во општина Охрид, Науме Јованоски, на митингот што се одржа пред хотелот “Палас”, рече дека многу проекти кои беа со години ветувани се реализираа во изминатите четири години, а уште повеќе се започнати и чекаат на нивна дореализација.

Заедно да создадеме совет кој ќе може да ги носи најдобрите одлуки за Охрид. Совет кој ќе биде растеретен од притисоци и пазарења. За нашите деца да останат овде и да ја градат својата иднина, за современа инфраструктура, уредени сообраќајници, чист град, туризам 365 дена, стоп на бесправната урбанизација, Охрид град на Унеско, спортски град, град на светлината. СДСМ ја има најдобрата понуда со јасен план и идеа. Остануваме посветени и продолжуваме да вложуваме во современ развој на Охрид и обезбедување на подобри услови за секаков напредок, рече Јованоски.

Бевме соочени со големи притисоци, но не дозволивме никој да ја сопре нашата решителност. Постапивме и ги спроведовме сите препораки за заштита на крајбрежјето на Охридското Езеро.  Нашите заложби беа поздравени од сите меѓународни институции, релевантни експерти и на крајот јасно валоризирани од УНЕСКО. Дадовме вистински пример за владеење на законите и покажавме дека правната држава е над сите лични и бизнис интереси на поединци, нагласи кандидатот за градоначалник на Охрид, Константин Георгиески.

Во следните четири години продолжуваме со уште посилно темпо, да работиме на исполнување на препораките за заштита на природното и културното наследство. Цврсто се определивме да ги остваруваме нашите амбициозни и стратешки цели Охрид да биде град од кој граѓаните нема да сакаат да заминуваат, туку град во кој секогаш ќе се враќаат и ќе ја гледаат сопствената и иднината на своите семејства. Во континуитет се креираат проекти за квалитетна инфраструктура, подобро урбано планирање, заштита на животната средина, модерно образование, уредени плажи, современ туризам, побрз локален економски развој и социјална сигурност за сите. Нашата цел е Охрид да прерасне во современ урбанизиран простор, културна и туристичка престолнина. Продолжуваме напред со проекти кои се реални со подготвена документација и финансиска конструкција, рече Георгиески, кој денеска го слави 44от роденден. 

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО ги препозна и уважи напорите на Владата и на локалната самоуправа во Охрид, предводена од сегашниот и иден градоначалник Константин Георгиески и со консензус донесе одлука природното и културното наследство на Охридскиот регион да не биде впишано на листата на светско наследство во опасност, истакна претседателот на СДСМ Зоран Заев. Нагласи дека работата не е завршена, мора да продолжат да се спроведуваат препораките на УНЕСКО и одлуките на Комитетот за светско наследство, а тоа ќе се постигне со максимална ангажираност и посветеност.

За Охрид, да се издигне каде што му е местото, во ризниците на УНЕСКО – како заштитено природно културно наследство, без закани и опасности, но и за да го издигнеме Охрид меѓу врвните европски градови од светски интерес, со унапреден туризам потребно ни е да го задржиме континуитетот на напредокот на Охрид, затоа што Охрид е нашето најдобро и затоа што Охрид го заслужува најдоброто, порача Заев.

Осврнувајќи се на досега реализираните проекти, Заев посочи дека централната власт е целосно посветена на Охрид како една од најважните општини во државата, но и дека ќе се направи уште повеќе во следните години. Потсети дека во Охрид, во овој регион се реконструираа бројни патни правци, се инвестираше во нови водоводи и канализации. Покрај сите овие проекти, 500 милиони денари се вложени во Охрид за да му помогнат да се раздолжи и од 1.6 милијарди денари долг, денеска Охрид е пред целосно раздолжување. Формирано е национално претпријатие Колекторски систем и инвестирани се над четири милиони евра во ревитализација на колекторскиот систем, истакна Заев.

Следува уредување на плажите по мерка на граѓаните и туризмот, во согласност со природата. Проект „Урбана култура“ кој се однесува на низа инфраструктурни проекти чија цел е градот да добие функционално решение за неговиот централен и најфрекфентен дел. „Цел Охрид на клик“, за полесно информирање на граѓаните и гостите и полесно поврзување на понудата и побарувачката. Со овој проект ќе се создаде официјален портал, апликација на Охрид каде ќе бидат достапни информации за туристичката понуда. „Зелена оаза“, проект кој предвидува Студенчишкото Блато да биде парк на природата. Се креира и идејно решение за уредување и подигнување на градскиот парк во комплексот на поранешната касарна, рече Заев.

Во проектите кои се планирани да се реализираат се и парк Билјанини извори каде ќе се изврши соодветно уредување на просторот со нови тревници и цветни насади, нова урбана опрема и осветлување. Ќе има ново зеленило во центарот на градот и на улиците и друштвени паркови во секоја населба. За младите општината предвидува субвенционирање еколошки превоз, електронски уреди, стипендии за учениците од семејствата од социјален ризик и еднородителски семејства. За деца од социјално ранливи категории ќе биде обезбедена училишна опрема. Ќе биде отворена канцеларија за лица со посебни потреби во рамките на општината, најави Заев.

Бизнис заедницата е важен партнер на општината и во таа насока ќе се унапреди комплетната соработка. Ќе биде отворена канцеларија за техничка поддршка и подготовка на документи за стартап бизниси и нови инвестиции, додаде Заев.

Н.С.Ј.
фото. А. Момироска