Македонија мора да продолжи да се развива како држава доколку сака да стане дел од ЕУ. Само со средена држава без корупција и криминал и достоинствен народ може да станеме дел од Европа, се друго е лага. Ова на предизборен митинг што се одржа попладнево во Охрид, го истакна кандидатот за претседател од движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски.
Ветуваат дека ќе бидеме во ЕУ во 2030 година, тоа не е точно. Не гледаат во очи и не манипулираат. За да станеме членка на Европската унија првенствено Македонија треба да ја средиме, да биде стабилна и самоодржлива држава. Треба да си ги засукаме ракавите дома, да се фатиме за работа да ја спречиме енормната корупција и криминал во државата кои ги создаваа и создаваат политичките елити, да направиме стабилна држава, да станеме свои на своето. Дури тогаш ќе ни ја отворат портата да влеземе таму како достоинствени, горди Македонци, а не како негирани луѓе од балканските простори, истакна Димитриевски.
Нам ни треба иднина и перспектива, но првенствено ни треба заштита на државниот интерес, рече Димитриевски.
Затоа од позиција на претседател ќе понудам национална платформа до сите политички партии коишто ќе сакаат да преговараат и разговараат со претставниците од ЗНАМ за составување на идната власт да ја потпишат и прифатат, во спротивно и така си имаат добри односи нека си бидат заедно и едните и другите, а ние ќе останеме со граѓаните и ќе бидеме конструктивна опозиција, истакна Димитриевски.
Македонија треба да гради општество во кое рамноправни ќе бидат сите и ќе се почитуваат законите кои даваат права, но имаат и обврски. Не може да ни се веат знамиња на други држави, а да се срамите од сопственото знаме, додаде Димитриевски.
Кандидатот за претседател на ЗНАМ се осврна и на економските состојби во државата, посочувајќи оти во земјата ништо не се гради, само се растура.
Четири и пол часа пат од Куманово до Охрид, една траса повеќе од седум години стои така раскопана, па сега ќе зборуваме за нови коридори, коридор 8 и реконструкција на коридорот 10. Аванс 200 милиони евра се даде, се пукнаа две чадни бомби таму на некој рид заедно со некој амбасадори, се сликаа и си заминаа, истакна Димитриевски, додавајќи дека треба да се создаде нова политичка елита која суштински ќе ги промени состојбите во државата.
Димитриевски упати апел до граѓаните да излезат масовно на избори и да гласаат за кандидатот за кој сметаат дека треба да ја добие нивната поддршка.
Со масовност на изборите ќе добие Македонија, ќе добијат сите нејзини граѓани, бидејќи го користат моментот на депресија на граѓаните, да останат дома за да можат со своите партиски послушници да си направат резултати како што на ним им одговара. Вашиот број на присутни овде вечерва само потврдува дека на овие избори, после Крушево и АСНОМ, ќе се случи во Македонија Изборно востание, – рече Димитриевски.
Пред охриѓани се обрати потпретседателката на ЗНАМ Весна Бендевска која најави дека движењето ЗНАМ со своите политики ќе ја врати Македонија на граѓаните, и ќе ги врати достоинствотото и интегритетот.
Овие избори се историски, затоа што враќање назад веќе нема. Сега зависи од секој од нас, ќе ја биде или не Македонија. Македонија опстојувала со векови поробена, но преживеала, нема да дозволиме Македонија да се распродава, истакна Бендевска.
Карванот на ЗНАМ денеска ги посети и општините Дебрца, Вевчани и Струга.
Горан Момироски
Фото: Бобан Стојаноски