Актуелниот пратеник и  висок функционер на владеачката НСДП, Веле Митаноски, во интервју за локалната телевизија НТВ, што се емитуваше во саботата изнесе податоци дека од СВР Охрид, биле поднесени 36 кривични пријави за криминални облици на узурпација и бесправно градење спротивно на важечките урбанистички планови и без поседување одобренија за градба. Исто така,  за злоупотреба на службена положба и фалсификување на службени исправи. “Алармантен е фактот дека најголемиот број нелегални градби се во централното градско подрачје и крајбрежните туристички населби”, потенцираше Веле Митаноски.

” Сега сосема не е важно дали главата на урбаниот октопод е во кабинетот на охридскиот градоначалник, како што тврдат некои од градежните изведувачи и инвеститори, или пак кај некои од нив, како што тврди градоначалникот. Ситуацијата постанува алармантна и поради самиот факт што УНЕСКО од највисоко место ни порачува, дека Охрид ќе го загуби патронатот, поради лоштото менаџирање со градот” – појасни Митаноски.
 
Говорејќи за, како што рече, за неверојатната атака и загрозеност на  просторот, особено во градското јадро, Веле Митаноски напомена дека само минатата година,  бројот на  склучените договори за градби е поголем од 200. Многу стамбени висококатници најнапред се градат, а дури потоа се внесуваат во основните урбанистички планови. Се градат наводни “студентски хотели”, како објекти од општествен јавен интерес, а се продаваат како стамбени единици. Комуналии се компензираат преку станови, долгови со цесии и асигнации, преку јавни претпријатија основани од локалната самоуправа, или пак во лична сопственост на градските татковци, рече Митаноски.

“Што уште треба да се случи за МВР и Обвинителството да постапуваат по предметите од Инспекторатот за градежништво, со цел профитерите, кои безмилосно ја трошат иднината на Охрид, и сите други што се огрешиле од законите, конечно да бидат санкционирани и соодветно да одговараат”- праша Митаноски.