Од мистериозна болест во југозападна Нигерија по само 24 часа од заразата починале 17 лица, известија локалните власти, пренесува „Макфакс“.

„Седумнаесет лица смртно страдаа од мистериозна болест којашто на почетокот од седмицата се појави во местото Оде-Иреле во државата Ондо“, изјави за AFP портпаролот на оваа сојузна нигериска држава Кајоде Акинмаде.

Симптоми на болеста се главоболка, губење на помнењето, губење на телесната тежина и тешкотии со видот. Досега направените тестови не укажуваат на некое вирусно заболување, како еболата на пример, рекол Акинмаде додавајќи дека експертите од Светската здравствена организација (СЗО – WHO), од нигериското министерство за здравство и други партнери се испратени во Оде-Иреле за да утврдат за што станува збор.

„Првите четири лица кои се заразиле со болеста чија причина сé уште не ја знаеме, а тоа беше минатата недела и во понеделникот, починаа 24 часа по појавата на првите симптоми“, рекол Акинмаде.

„Освен 18-те споменати лица коишто ѝ подлегнаа на болеста, во последните 72 часа нема информации за нови случаи, ниедно новозаразено лице не е хоспитализирано и засега болеста не се прошири надвор од местото“, додал.

Портпаролот на Обединетите нации, Тарик Јашаревиќ, потврдил дека се информирани за 14 случаи со 12 потврдени смртни исходи. Додал дека примероци со телесните течности на починатите се испратени во саботата на анализа во универзитетската клиника во Лагос, како и дека лабораториската постапка е во тек.

OhridNews
Извор:„Макфакс“