Охриѓаните Мишко Танески и д-р Константин Георгиевски заедно со битолчанецот Влатко Крбалески во јули месец оваа година го искачија највисокиот врв во Европа, Мон Блан (4.808,73 метри).
Георгиевски и Крбалески прв пат се искачија на покривот на Европа, додека на Танески ова му е втор пат, по успешното искачување во 2008 година. – Подготовките за искачувањето на Мон Блан започнаа август месец 2015 година. Првично се искачувавме на локалните планини и врвови, а како што одминуваше времето така го зголемувавме темпото возејќи секојдневно велосипед, пешачејќи и со строг режим на исхрана. Финалните подготовки за искачување на Мон Блан стартуваа во јуни кога го искачивме грчкиот врв Олимп. – рече на почетокот од разговорот за OhridNews, д-р Костанин Георгиевски.
При искачувањето на Мон Блан планинарот мора да биде подготвен на се и да има искуство, бидејќи грешки планината не простува. Искачувањето до врвот кое траеше вкупно четири дена од кои три дена качување и еден ден слегување го опиша Танески кој упати благодарност до градоначалникот Никола Бакрачески за финансиска помош од општината за реализација на експедицијата.
– До 2.300 метри еден дел се качувавме со гондола, другиот со воз, а одевме во насока од „Гуте“. Оттука се искачивме на 3.176 метри каде престојувавме во шатор во домот „Тетрус“. Вториот ден го искачивме кулоарот на смртта, предел кој изобилува со карпи и одрони. Искачувањето на кулоарот на смртта е деликатно бидејќи треба да бидеш многу смирен и снаодлив. После искачувањето следува одмор во вториот дом кој се наоѓа на 3.835 метри надморска височина. По одморот почнува финалниот дел од искачувањето на Мон Блан. Во 3 часот утрото тргнавме во искачување на последниот дел од најголемиот врв кое траеше некаде околу четири часа, што е релативно брзо. – потенцираше Танески.
Мон Блан е најпосетуваниот врв во Европа, иако не се смета за опасен најмногу планинари го имаат загубено животот во обид да го искачат.
– Мон Блан воопшто не е опасен ако се држиш до правилата. Многу од планинарите одат не подготвени, не пристапуваат како што треба, а во планина нема поправен, една грешка може живот да чини. И никогаш не можеш да освоиш планина, таа може да те остави да ја искачиш бидејќи ќе се расипе времето или нешто слично и не ќе можеш да ја искачиш, а не пак да ја освоиш. – додадоа храбрите охриѓани.
Георгиевски и Танески не сакаа да ги откријат нивните следни планови, иако навестуваат искачување на врв до 7.000 метри надморска височина зимава, а во текот на наредните две години искачување на врв од 8.000 метри.
Михаил Постоловски