Презентирани експонати кои се дел од богатата етнолошка збирка при НУ Завод и Музеј – Охрид. Во присуство на голем број посетители и стручни лица во Куќата на Робевци беше отворена „Изложба на пафти, токи, колани – украси за појас од етнолошката ризница на Охридскиот музеј“.
Збирката со накит во етнолошкото одделение при НУ Завод и Музеј Охрид брои 65 примероци накит за украсување на појасот: пафти, токи и колани, од кои 48 се подобро сочувани и порепрезентативни примероци. Сите предмети се изработени рачно од занаетчии-кујунџии, филигранисти, најмноги локални мајстори од Охрид и Струга, но веројатно и од другите занаетчиски центри во Македонија и во соседните земји. Набавени се од Охрид и охридските села, Лескоец и Велгошти, потоа од Ресен, од струшкото село Ржаново и од реканските села Галичник и Лазарополе, а веројатно дел од нив се донесени од други делови на Македонија и од надвор. Повеќето се затекнати во депо, ама и откупени и подарени предмети.
Раководител на проектот, автор на каталогот и концепција на изложбата е Оливера Мишева, виш кустос етнолог во НУ Завод и Музеј – Охрид, истакна дека културното наследство треба да го чуваме и заштитиме.
Овие предмети можеби повеќе од половина век не се употребуваат. Може да ги сретнете како сувенир изработени од некој друг материјал. Тие се кај нас културно наследство и нашата мисија е да ги чуваме, да ги заштитуваме, да ги истражуваме и да ги презентираме, посочи Мишева.
Збирката е формирана во педесетите и шеесетите години од минатиот век, односно во првите децении од формирањето на Охридскиот музеј. Пафтите од музејската збирка потекнуваат од XIX и почетокот на XX век. Попрецизен датум или потекло не може да се определи бидејќи за повеќето од нив не постојат подетални податоци, но и поради тоа што се работи за накит кој се пренесувал од генерација на генерација, некогаш од една во друга област.
Заслугата на Мишева е долгорочна и од голем временски период бидејќи за сето ова да се сочува, донесе во една ваква поставка и вака да се прикаже потребно е многу работа, вели етнологот, проф. Д-р Владимир Јаневски.
Овие материјали веќе неможе да се најдат на теренот или се многу ретки. Овој историски аспект кој го посочува Мишева е многу важен за Музејот и развојот на самата збирка, но гледајќи ја тука збирката и експонатите можеме да забележиме дека се работи за предмети кои доаѓаат од повеќе кувенџиски центри, воглавно најголем број на предмети имаме од Охридско-струшкиот кувенџиски центар, потоа од Дебарскиот, Прилепско-битолскиот, Кичевскиот, Кривопаланечкиот, неколку примероци доаѓаат од Пиротскиот кувенџиски центар, но има и од Цетинскиот во Црна Гора. Една голема збирка која еден подолг период се собирала. Мишева не донесе денес во една ситуација да уживаме во повеќе кувенџиски центри и во повеќе техники. Овде ќе можете да забележите дека се среќава една широка лепеза на накит, потенцира Јаневски.
Луѓето како Мишева, додаде Јанески, остваат еден огромен белег затоа што тие даваат една нова форма на овие предмети, бидејќи ние можеме денес да ги гледаме и да се восхитуваме.
Благодарение на колешката Мишева со оваа прекрасна изложба овие експонати ја видоа светлоста на денот. Сите можат да ги видат, да ја проценат оваа етнолошка убавина која стои во депоата на нашата установа. Во Куќата на Робевци во тек се реставраторски работи. Во план имаме да воведеме греење и ветреење, фасадата ќе се обнови, нова дограма, нови системи за заштита…, рече директорот на НУ Завод и Музеј Охрид, Горан Патчев.
Кај изложените украси се забележува богата орнаментика со различна симболика и значење преку која се препознаваат верските определби, народните верувања и се истакнува соединувањето, поврзувањето, преминот од еден во друг животен циклус, симболизирајќи ја плодноста и заштитата на женатa.
Проектот е комплетно финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам во рамки на Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2024 година.
Фото галерија:
Украси за појас од етнолошката ризница на Охридскиот музеј
Н.С.Ј.
фото. А. Момироски