Одбранбениот буџет за 2025 година изнесува 329 милиони евра, од кои над 32% односно над 106 милиони евра се наменети за модернизација и опремување на Армијата. Гледано во однос на 2024 година тоа се 18 милиони евра повеќе за оваа намена, истакна денес министерот за одбрана Владо Мисајловски. Најави дека во 2025 година Армијата ќе се подмлади со 300 нови професионални војници со што, како што рече, се подобрува и борбената готовност.
Информираше и за сите проекти за модернизација на Армијата при што посочи дека набавката на оклопните возила JLTV треба да се заокружи следната година, додека истовремено во Армијата треба да пристигнат и оклопните возила од типот Stryker. Во 2025 ќе пристигнуваат и артилериските системи „Боран“, системите за против-воздушна одбрана „Мистрал“ и друга придружна опрема.
Модернизацијата и инвестирањето значителни средства се гарант дека македонската Армија секојдневно се менува и ја зголемува својата борбена готовност, нагласи министерот.
Во однос на човечкиот капитал, министерот посочи дека до крајот на 2024 година, 99 проценти од сите побарувања согласно Колективниот договор, Законот за вработени во одбраната и Законот за служба во Армијата се исплатени и дека и следната година ќе продолжат да се почитуваат сите обврски кон вработените.
Од следната година започнуваме со прием на 300 нови професионални војници. Ќе ги објавиме сите потребни информации, а заинтересираните ќе можат да аплицираат. Со тоа го зголемуваме бројот на припадници во Армијата и ја подобруваме борбената готовност. Исто така, продолжуваме со прием на до 60 граѓани со цивилни факултети и ќе завршиме со постапката за прием на питомци. Дополнително, ќе вработиме кадри кои се неопходни во Министерството за одбрана, истакна Мисајловски.
Следната година ќе пристигне значителен дел од новата опрема за Армијата, а планирани се и реконструкции на капацитетите во лоша состојба. Еден од објектите што ќе се обнови е Дом на АРМ, чија реконструкција ќе се спроведе етапно, а ќе се реконстуираат и камповите во Охрид и во Дојран, како и еден хотел во сопственост на АРМ.
Имаме подрачни единици кои се во мноу лоша состојба и има непријатни услови за работа. Домаќински ќе работиме да ги реновираме сите капацитети кои ги имаме. Имаме и камп во Охрид и Дојран и хотел кој е во лоша состојба. Мора паралелно и прироитетно да вложуваме насекаде.
OhridNews